(ФОТО) Голема количина марихуана од Косово доаѓала во Македонија - пресечен канал и запленети 40 килограми вредни 100 илјади евра
Нашето Министерство за внатрешни работи се пофали дека пресекло меѓународен канал на марихуана, која дошла од Косово.
Станува збоер за фатена марихуана од 40 килограми, вредна 100 илјади евра.

„На 21.01.2021 Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, во содејство со Одделот за специјални полициски операции, пресече меѓународен канал за транспорт на наркотична дрога марихуана, која од Косово била транспортирана на територијата на Република Северна Македонија“, се вели во соопштението од МВР.
Притоа, на бул.„Јадранска магистрала“, на влезот во Скопје било запрено патничко возило „шкода фабија“, управувано од А.М.(42) од Скопје. При извршениот преглед на возилото, во багажникот се пронајдени две големи вреќи со марихуана, во вкупно количество од околу 40 килограми, со пазарна вредност од над 100.000 евра.

„А.М. е лишен од слобода и спроведен во полициска станица за понатамошна постапка, при што во текот на денот ќе биде предаден со кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје. Инаку, А.М. е познат сторител на кривични дела, осудуван и издржувал затворска казна, а во 2017 во Р.Србија е лишен од слобода при транспорт на поголема количина хероин“, се вели во соопштението од МВР.
