ФОТО Галерија: Небесните букети на небото над Крушево
Небото над Крушево е полно со ѕвезди кои блескаат и оставаат без здив на дневна светлина. Првата република на Балканот овие петнаесетина дена е кралство за летачките асови – параглајдеристи. Вкупно 150 параглајдеристи, најдобрите активни летачи и членови на репрезентациите на 48 држави од светот се собрани во Крушево и од 7 до 17 август се натпреваруваат во дисциплината –прелет или популарно наречена „крос – кантри“. Тоа е пандан на маратонот, епска битка на најиздржливите, најсмирените, најупорните и храбри луѓе птици кои во десетина натпреварувачки денови ќе прелетаат околу 1.000 километри и ќе ја крстарат најголемата македонска житница Пелагонија.



Македонија и славното Крушево се горди домаќини на најдобрите светски параглајдеристи на 16 тото Светско првенство во организација на ФАИ Интернационалната федерација за летачки спортови. Здивот застанува кога над планините со кои е опколено Крушево гледате шарени букети од параглајдери кои ездат во термичките столбови и се качуваат високо на небескиот хоризонт заличувајќи на мали обоени точки на небото. Фасцинира храброста, издржливоста и вештината на тие луѓе кои ја користат само термиката и ветрот за да прелетаат и до стотина километри во еден ден.





Сабота, 11 август. Околу 11 часот. Стартот се отвара, параглајдеристите се местат и по координација на организаторот започнуваат со полетување по утринскиот брифинг. Задачата на четвртиот натпреварувачки ден е најзахтевна. Треба да се прелетаат 112 километри над Пелагонија и да се слета во близина на битолското село Породин близу до македонско-грчката граница. Сите се подготвени за новата задача. Меѓу летачите стартуваат и членовите на македонската репрезентација: искусниот параглајдерист Владимир Неделковски и младите и амбициозни таленти Дарко Станковски и Ѓорги Ристовски. Рамо до рамо со големите имиња од Франција, Словачка, Словенија, САД, Австрија, Италија, Германија, Русија, Швајцарија... Бројна домашна публика собрана на источниот старт близу Мечкин камен ги бодри и поддржува, а во публиката и во организацијата на настанот и неколку легенди на македонското параглајдерство. Луѓе кои Крушево треба да ги направи почесни граѓани затоа што се грижат за неговата иднина како мека за параглајдерски натпревари.

Нашите момци репрезентативци имаа одличен ден, Неделковски заврши на фантастичното 14 место, а Ристовски беше 36 пласиран. Станковски имаше лош ден, но собра нови искуства. Македонија е 26 рангирана од 48 репрезентации.
Крушево овие две седмици е светски центар на параглајерскиот спорт. Крушево е најсјајниот спортски амбасадор на нашата земја. Овој град со славна историја ја најде својата иднина. Организацијата на ова првенство ќе го дигне уште повисоко на светската параглајдерска мапа. Светското првенство, чии домаќини сме, е остварување на аманетот на Илинденците кои ги дале животите за самобитноста и слободата. Крушево ги собра најдобрите светски пилоти - параглајдеристи на 16 Светско првенство во крос - кантри.
Р.Ф.
