ФОТО ФАКТОР: Интересот за вакцинација не спласнува, граѓаните трпеливо чекаат на вакциналните пунктови
Не престанува силниот интерес за вакцинација во државава.
Граѓаните трпеливо чекаат на ред на вакциналните пунктови, со цел и тие да ја примат вакцината против ковид 19 и да бидат заштитени од тешка форма на болеста или од смртен исход.

Познато е дека вакцината штити од тешка форма на болеста најмалку за 20 пати повеќе во однос на невакцинираните граѓани.
Фактор објавува моментални фотографии од еден од вакциналните пунктови во земјава, поликлиниката „Јане Сандански“, од кои може да се забележи дека и денеска е голем интересот за примање на вакцината.

Како што објаснуваат читателите за Фактор, многу побрзо оди имунизацијата на граѓаните кои се ревакцинираат, односно дошле да ја примат втората доза од вакцината.
Сепак, нема многу чекање ниту за оние кои ја примаат првата доза.
Како што е познато, од вчера не е дозволен влез на невакцинирани во шопинг молови, обложувалници и казина.
Дел од граѓаните кои се уште не се имунизирани жестоко рееагираат на ваквите мерки, велејќи дека на овој начин се прави дискриминација меѓу граѓаните и се кршат правата на оние што не секаат да се имунизираат.
Други, пак, сметаат дека овие мерки се оправдани, очекувајќи дека на тој начин ќе се намали ширењето на коронавирусот во земјава, кој зема замав во последниве денови.
Само во последниов ден во земјава беа дадени безмалку 19 илјади дози вакцини, што е своевиден рекорд, а не е познато дали мотивите се посета на угостителските објекти, или, пак, стравот од се посилниот четврти брамн на короната.
Според МЗ, во текот на вчерашниот ден е забележан значително зголемен интерес за вакцинација помеѓу граѓаните. Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 612.391 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 11.732 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 17.427 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.097.855 дози вакцини, а ревакцинирани се 485.464 граѓани.
Завчера за само едно деноноќие беа регистрирани 999 нови случаи на корона, а имаше дури 14 починати граѓани.Лекарите постопјано советуваат дека имунизацијата е најдобрата заштита на населението против коронавирусот.
Н.Н.Ф.
