(ФОТО) ДОСТА Е! ПРОТЕСТ ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ ПОРАДИ СМРТТА НА МЛАДАТА ФРОСИНА: Се бара одговорност!
Граѓаните со гнев и болка излегоа на улиците на Скопје, блокирајќи го булеварот „Партизански одреди“ во близина на „Силбо“ во знак на протест против трагичната смрт на 22-годишната Фросина Кулакова од Неготино. Тие бараат правда и одговорност од институциите, кои, според нив, не прават доволно за да ги спречат ваквите трагедии.
Фросина беше прегазена ноќта на 30 јануари од автомобил управуван од 20-годишниот Васил Јованов., кој веќе имал криминално досие. Одлуката на судот претходно да му го укине притворот на возачот дополнително го разгневи народот.

На протестот, организиран преку социјалните мрежи, граѓаните ја блокираа сообраќајницата во знак на предупредување – бараат строги казни за несовесните возачи, посигурни пешачки премини и поголема одговорност од надлежните органи.
„Доста беше молк! Колку уште жртви треба да паднат за конечно некој да преземе одговорност?“ – порачаа демонстрантите, кои носеа транспаренти со пораки за правда и безбедност.

Покрај протестот во Скопје, граѓани се собраа и во Неготино, каде Фросина пораснала и каде нејзината трагична судбина ги потресе сите.
Гневот расте, а граѓаните најавуваат дека нема да запрат додека не се обезбеди правда за Фросина и поголема сигурност за сите пешаци.

