Фондот за здравство се огради од вработениот кој давал податоци за брзи кредити: Изолиран случај, граѓаните да ни веруваат
Фондот за здравствено осигурување се огради од вработеното лице кое давало податоци од граѓани кои потоа се злоупотребиле за други во нивно име да подигнуваат брзи кредити од финансиските друштва.
ФЗОМ соопшти дека во целост ја поддржува работата на надлежните институции и дека ги обезбедил сите потребни информации за спроведување на истрагата во врска со објавата на државното Јавно обвинителство за започнување истрага поврзана со измами со т.н. „брзи кредити“ и за поведување кривична постапка против едно службено лице во ФЗОМ.
-Кривичните дела кои се предмет на постапката – Фалсификување исправа (член 378), Злоупотреба на лични податоци (член 149) и Компјутерска измама (член 251-б) од Кривичниот законик – се сериозни прекршувања на законот и претставуваат загрозување на довербата во јавните институции. Фондот за здравствено осигурување ја изразува својата решителна заложба за нулта толеранција кон какви било облици на криминално однесување, вклучително и во сопствените редови, соопшти Фондот.
Од таму уверуваат дека се работи за изолиран случај кој, како што велат, нема да влијае врз угледот и професионалноста на институцијата.
Основното јавно обвинителство Скопје денеска повело постапка против вкупно 43 лица кои со различни дејствија на компјутерски измами, фалсификување исправи и злоупотреба на лични податоци учествувале во повеќекратни измами на граѓани со „брзи кредити“.
„За четворица од осомничените, меѓу кои и едно службено лице од Фондот за здравствено осигурување, е поведена истрага за кривични дела – Фалсификување исправа од член 378, Злоупотреба на лични податоци од член 149, Компјутерска измама од член 251-б од Кривичниот законик, додека останатите се опфатени во постапката со поединечни дејствија на помагање и соизвршителство во секој од случаите поединечно.
