Фондацијата „Бугарска меморија“ организирала бесплатни прегледи во Пустец - Македонското друштво „Илинден“ повика ЕУ да реагира
Бугарска фондација организирала бесплатни прегледи за населението во Пустец.
Македонското друштво „Илинден“-Тирана „најостро ги осудува произволните и крајно навредливи изјави во однос на населението во областа Мала Преспа како бугарско“, во однос на реализирањето бесплатни здравствени прегледи во општина Пустец од фондацијата „Бугарска меморија“. Во реакцијата се наведува дека Фондацијата „Бугарска меморија“ објавила дека од 18 до 20 овој месец, лекари од Бугарија вршеле бесплатни превентивни прегледи во „области со бугарско население во Република Албанија“.
„Секому е јасно дека бугарската држава со години врши невиден притисок врз македонското национално малцинство во Република Албанија. Фактот што ефектот од сите тие фрлени средства за денационализација на Македонците во Република Албанија досега не го донесе посакуваниот ефект, секако ги алармира сите сили во правец на насилно побугарување на Македонците во Република Албанија, а особено во областа Мала Преспа“, наведува друштвото.
Додава дека и на Македонците низ цела Албанија им е јасно дека акцијата за бесплатни прегледи на пациенти треба да биде дополнителна мамка за населението во областа Преспа за негово изјаснување како Бугари на претстојниот попис во Албанија.
Македонското друштво „Илинден“-Тирана се обраќа и до европските институции.
„Ги повикуваме европските институции, кои тврдат дека се темелат на демократското однесување во однос на основните човекови права, да се позанимаваат со суровото и бескрупулозно нафрлање на бугарските емисари врз македонското национално малцинство во Република Албанија. Напоменуваме, дека досегашното нереагирање од страна на државните институции за заштита на сопствените жители Македонци, доведе до крајно дрски и насилнички атаци врз Македонците во Република Албанија“, посочува друштвото во реакцијата.
И претходно од ова здружение укажуваа дека Бугарија со давање пасоши и други привилегии сака да го бугаризира македонското население во Албанија.
Foto Wikipedia/Decius
