Фон дер Лајен најави дека ќе има грантови за Западен Балкан и Македонија
Претседателката на Европската Комисија(ЕК), Урсула дон дер Лајен изјави дека преговарачкиот процес добива динамика.
Има грантови за цел Западен Балкан и за Македонија. Станува збор за 80 милиони евра. Ова ќе се заврши до крајот на оваа година, и првите средства земјава ќе ги добие во јануари. Парите ќе бидат искористени за справување со енергетската криза. Изјави дека ќе треба да има инвестиции во обновливи извори на енергија. Ќе се зголемат инвестициите во ветерници и фотоволтации.
Таа нагласи дека македонскиот јазик е на исто рамниште со сите други 24 службени јазици во ЕУ.
„Се надевам дека наскоро ќе го имаме и 25-от јазик, затоа што македонскиот јазик е прекрасен јазик“, рече Фон дер Лајен.
Таа рече дека војната во Украина, носи свирепост и задава удари на целиот свет. Вели дека Русија ја користи енергијата како оружје.
„Оваа криза ќе ја решиме и ќе ја надминеме заедно. Ќе продолжиме да ги поддржуваме нашите пријатели во Украина. Европската Унија е покрај вас“, рече Фон дер Лајен.
Maкедонскиот премиер Димитар Ковачевски вечерва на прес - конференција изјави дека се потпишани договори кои носат економски напредок за граѓаните.
Вели дека патот на Македонија кон ЕУ не е лесен, но на крајот граѓаните ќе бидат горди и побогати.
„Нашите граѓани живеат веќе 31 година со идејата за Европската Унија. Нема човек во државата кој не сака државата да има западен економски стандард“, вели премиерот.
Ја повика опозицијата на обединување, со цел да ги забрзаат реформите. Ковачевски нагласи дека и натаму ќе продолжи поддршката за Украина.
Во Владата попладнево е потпишан Договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, Фронтекс. Договорот е потпишан на македонски јазик.
