ФОКУС НА ДЕНОТ: Затвор за Мијалков, невработеноста се „топи“
Сашо Мијалков за предметот „Титаник“ првостепено е осуден на три години затвор за примање поткуп и незаконито влијание во Државната изборна комисија за време на локалните избори во 2013-та.
За лидерот на ДПА, Мендух Тачи, е определена казна затвор од три години и два месеци, додека членот на ДИК, Бедредин Ибраими, исто така ја доби истата санкција од 4 години и шест месеци. Со затворски казни се осудени и Влатко Сајкоски, Сашо Срцев и Анета Стефанова.
Мијалков рече дека бегањето не е во негов стил, откако обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, побара притвор за поранешниот директор на УБК веднаш по првата пресуда од обвиненијата што му се товарат.
Денеска Мијалков беше осуден на три години затвор првостепено поради влијание на ДИК за време на локалните избори 2013-та, а Фетаи рече дека тој може да се даде во бегство затоа што наскоро се очекува Врховен суд да му ја укине мерката куќен притвор за случајот „Империја“.
Македонската економија пораснала за 3,7 проценти во последниот квартал лани, а во 2018 година вкупниот раст на Брутодомашниот производ (БДП) е 2,7 проценти, објави Државниот завод за статистика. Во исто време невработеноста ја проби психолошката граница и дојде до ниво под 20 проценти, односно изнесува 19,4 проценти. Економскиот тим на Владата веднаш на прес конференција се пофали за постигнатите резултати.
„Трендот е позитивен. Знаеме што правиме, знаеме каде ја носиме економијата, она што го најавивме и се случува. Посветеноста, добро одмерените мерки ги даваат резултатите, рече вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Тој дури им честиташе на сите кои допринеле за рст на градежништвото од 19,6 проценти. Рече дека оваа дејност се враќа на поранешното ниво и дека тоа се должи и на растот на капиталните инвестиции.