ФОКУС НА ДЕНОТ: Заев се дообјасни за „замрзнување“ на делови од Преспанскиот, покана од Евроазиската унија официјално нема
Премиерот Зоран Заев ретерираше во ставот за замрзнување на делови од Преспанскиот договор. Прашан на кои точно делови мислел кога за замрзнувањето зборувал во интервјуто за Еуроњус, Заев денеска рече дека „замрзнато“ е претежок збор.
„Не бев тука, бев во Рим и во Брисел, но видов вчера реакции дури и од грчката страна. Дефинитивно одиме со имплементација на Преспанскиот договор. Замрзнато можеби претежок збор. Ние само велиме дека договорот мора да е стимулативен и за граѓаните. Успешно ги завршуваме сите забелешки кои стигнаа од грчка страна, а дел од нив и сами ги утврдивме. А очекуваме и грчката страна да направи чекори, кои се нивни обврски, како што е промената на таблите на пример. Да испратиме недвојбена порака дека сакаме и со право овој договор да ја доживее својата иднина. Тој ни донесе нов пријател, со кој отвораме широка лепеза на перпсективи. Намерата беше да се испрати порака до ЕУ да водат грижа за тие поглавја и тие да се отворат час поскоро. Поглавјата и договорот се формално правно врзани. Но секако Уставот е променет и ние името го употребуваме. Жалам што името не го користи опозицијата, а има амбиции и претендира за влсат, а што ако стане власт не дај може. Ќе има нови провокации, рече денеска Заев
На памет не ни паѓа да се приклучуваме, изјави денеска премиерот, Зоран Заев, за тоа дали до Владата стигнала покана за приклучување во Евроазиската унија.
Заев вели дека Европската унија е единствената опција за Македонија и дека друга алтернатива нема.
„Нема таква покана, најверојатно има одбрамбен мембрана ѕид околу Владата кој не брани од таква покана. На памет не ни паѓа да се приклучуваме и се надевам таква покана нема ни да стигне“ – рече Заев.
Русија ги покани Македонија и Албанија во Евроазиската унија.
Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, денеска пред партиското седиште демантираше дека одбивал соработка со обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска.
Таа во синоќешното интервју на ТВ 24 рече дека пред лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како што рече, да мафта со документи за кои тврди дека се од истрагата „Рекет“, му се јавила на телефон за неговите изјави дека има сознанија за многу други случаи. Но, тој и рекол дека не изјавил баш така и потоа и откажал средба.
„Русковска ја манипулира јавноста дека не сум сакал да соработувам. Ми прати порака, тие деновиви не можев, па и пратив порака да ме побара после август. Не ми се јави еве уште“, изјави претседателот на најголемата опозициска партија пред новинарите.
По досегашниот модел и годинава ќе се оди на избори кои пак ќе се распишат по распуштање на Законодавниот дом.
Претседателот Талат Џафери информираше дека Собранието ќе го распушти на 11 февруари а потоа ќе ги распише предвремените парламетрани избори што треба да се одржат на 12 април.
