Фокус на денот: Заев и Тевдовски ветија економска година, нови амнестии, снег во Македонија
Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција со министерот за финансии Драган Тевдовски изјави дека 2019 година ќе биде година на економски резултати, односно година кога ќе функционира економија за секого.
Вели дека промовирале правично оданочување, социјална заштита и реформиран пензиски систем.
Рече дека со зголемување на социјалната помош, општеството ќе понуди солидарност.
Вели дека ќе продолжат да растат платите во 2019 година.
Уште пет лица обвинети за настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија добија амнестија. Станува збор за лица кои беа обвинети за учество во толпа.
-Одделот за Кривично полнолетни при Основниот суд Скопје 1 постапувајќи по добиени барања согласно Законот за амнестија на настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија, а по добиени мислења од надлежното обвинителство, донесе решенија и денеска ги експедира до странките, а со кои барањата на А.С., Д.М., Д.В., С.П. и Б.М. опфатени во предметот со К.бр. 752/17 ги уважи, додека сите преостанати барања се одбиени како неосновани, се наведува во соопштението од Кривичниот суд.
Македонија и Балканот се под снег.
Во земјава има ниски температури, застој на патишта и снежна покривка над 20-тина сантиметри. Најмногу снег денеска има во Маврово, Крушево, Битола, а во Скопје се уште е релативно суво, освен на некои повисоки места.
Снегот предизвика застој на патиштата, особено на преминот кај Стража, и планинскиот премин Ѓавато.Трајко Славевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција изјави дека како најголема опозициска партија ја поздравуваат најавата дека власта конечно има намера да се сврти кон економијата во 2019 година.
Спомна и дека Владата на премиерот, Зоран Заев се фали дека социјалната помош од 1 јануари 2019 година е зголемена за 3 пати.
