ФОКУС НА ДЕНОТ: Заев го брани Рашковски, во Македонија пеколно време
Премиерот Заев нема да бара генералниот секретар на Владата Драги Рашковски да се повлече од функцијата. Тој застана во негова одбрана и рече дека нема да бара оставка бидејќи Рашковски ги исполнувал сите свои работни обврски, а и јавно се извинил за случајот.
Првиот човек на Владата вели дека не треба да бидат третирани како боксерски вреќи и да се прават салата.
-Случајот со „Леонардо“ го затекнавме кога дојдовме како Влада. Се работи за тендер што е завршен во 2016 година, но постапката до крај не е завршена. Тоа беше јавно, детално објаснето. Тужба како Влада, нема да поднесеме, но секој како физичко лице тоа може да го стори за да го заштити својот дигнитет и достоинство. Кога прифаќаме одредени функции свесни сме дека треба да бидеме под лупа на јавноста, но тоа не значи да бидеме и боксерски вреќи, некој да не прави салата- посочи Заев по пуштањето на контролниот центар за патарини во Петровец.
Тој лично ќе испрати писмо до „Леонардо“, со извинување од име на Владата. Тоа ќе го стори и кон ромската заедница во земјава.
Целата територија на земјата е во жолта фаза со високи температури и ув индекс 9, велат од Управата за хидрометеоролошки работи. Најтополо денеска беше во Демир Капија, каде се измерени 40 степени, а најсвежо во Маврово, каде температурата беше 28 степени.
Се советува граѓаните да се заштитат од директна сончева изложеност, да избегнуваат престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
Амбасадорот на Франција, Кристијан Тимоние, на средбата со претседателката на Советот на Општина Охрид, Живка Ангелоска, бил пречекан со холандско знаме. Ова се случило во понеделникот на протоколарната средба со амбасадорот во Општина Охрид.
На масата пред Тимоние е поставено холандско знаме.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во денешното гостување на Алфа ТВ изјави дека очекува следно сценарио, како што рече, да биде неговото апсење.
Мицкоски рече дека веќе има план во случај на негово апсење.
