ФОКУС НА ДЕНОТ: ВМРО-ДПМНЕ ги објави кандидатите, се трга оградата од Владата, отвораме амбасада во Атина
Во ВМРО-ДПМНЕ се поднесени десет кандидатури од кои една е отфрлена поради доцно поднесување.
Кандидати кои ги исполниле условите се: Никита Шектуковски, Ѓорги Манасков, Влатко Ѓорчев, Васко Костов, Гордана Силјановска Давчева, Илија Димовски-професор во пензија, Филип Петровски, Гордан Ангелов , Сашко Кутлешоски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски, кажа дека сите кандидати ќе имаат еднакви можности и третман да бидат избрани согласно принципите и демократијата.
Владата денеска на редовна седница одлучи да се отстрани железната ограда околу зградата на Владата. Ова се прави со цел да се ослободи целосно јавниот простор околу објектот и да стане подостапен за користење од страна на граѓаните.
Отстранувањето на оградата околу Владата беше едно од предизборните ветувања на оваа власт.
СДСМ смета дека оградата беше симбол на груевизмот и симбол на узурпацијата на јавните простори за време на неговото владеење.Македонија ќе отвори амбасада во Атина.
Владата на денешната седница донела одлука за отворање амбасада во Атина и Генерален конзулат во Солун. Одлуките ќе започнат да се применуваат со влегувањето во сила на уставните измени во Македонија.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ветил дека ќе бидат конструктивни за реформите кои Македонија треба да ги направи.
Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл по средбата со Мицкоски, за МИА изјави дека добил уверување дека опозицијата ќе биде конструктивна за реформите потребни за ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.
