ФОКУС НА ДЕНОТ: Вељаноски си го задржа имунитетот, дали Џафери го „спаси“?
Пратеникот Трајко Вељаноски на Фејсбук напиша дека е принципиелна одлуката да не му се одземе имунитетот.
„Собранието на Република Македонија не го одзеде имунитетот којшто го имам како пратеник. Тоа е принципиелна одлука. Стојам на располагање да се јавам на сите покани по предметот и да ги почитувам сите позитивни законски прописи“, напиша Вељаноски.
Али Ахмети добил потсетување дека му е должник на поранешниот премиер Никола Груевски кога во неговото последно интервју направено во унгарскиот хотел каде што престојува рече дека „лидерот на ДУИ е човек од збор“, објави Газета Македонија.
Во својата приказна за деновите кога тој имал мандат да формира влада за разговорите за неговиот дотогашен коалиционен партнер Груевски потенцираше дела "Али Ахмети е човек од збор." Со оваа порака, Груевски го потсетил Ахмети за преостанат долг или за за услуга што ја должи во шифрирана порака, пишува медиумот.
Спикерот Талат Џафери изјави дека ноќеска ја прекинал седницата за одземање на имунитетот на пратеникот Трајко Вељаноски затоа што истекло времето за носење одлука, но и поради однесувањето на пратеникот Мухамед Зекири.
„Седницата е прекината затоа што одмина времето предвидено за носење одлука до 24.00 часот. Седницата е прекината поради однесувањето на пратениците, а посебно на пратеникот од мнозинството Мухамед Зекири. Што кажа, како кажа, мислам дека не е местото јас да повторувам. Во таква ситуација, обврска моја е да ја прекинам седницата“, изјави Џафери.
Џафери вели дека не го спасил Вељаноски од притвор, бидејќи одговорноста на пратеникот не може да се избегне во судска постапка.
Пратеникот Мухамед Зекири од СДСМ го повика спикерот, Талат Џафери да одговори на јавноста зошто ја прекина седницата и не дозволи гласање за одземање на имунитетот на Трајко Вељаноски.
Тој ги отфрли наводите на претседателот на Собранието, Талат Џафери дека кој било пратеник од нивната пратеничка група имал некаква улога во прекинувањето на седницата.
„Категорично ги отфрлам твредањата на претсдеателот на собранието, Талат Џафери, дека јас сум бил причината што тој не усепа до полноќ да ја заврши седницата со гласање по точката на дневнот ред. Воопшто немало ситуација што наликува на потреба од прекинување на седницата“, рече пратеникот.
Павле Богоевски, независниот пратеник од парламентарното мнозинство, го обвини претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека го спасил организаторот на настаните на 27 април, Трајко Вељановски, иако „крвавиот четврток“ се случи веднаш по изгласувањето на парламентарниот спикер.
„Нашиот глас за Талат Џафери на 27ми април резултираше со обид за наше убиство и терористички акт врз законодавниот дом. Тој немаше ниту гребнатинка. Вчера, тој го злоупотреби истото Собрание и го заштити организаторот од притвор, правејќи будали од сите нас“, напиша тој.
Додаде дека не е точна официјалната верзија на Собранието, туку дека се работи за бојкот кон Џафери.
