ФОКУС НА ДЕНОТ: Укинати пресудите за Мијалков, Тачи и Ибраими, а Трајковски не дојде на суд оти е претепан
Апелација ги укина пресудите за предметот „Титаник 2“ против Сашо Мијалков, Мендух Тачи, Бедредин Ибраими и тројца поранешни членови на државната изборна комисија од вмро-дпмне. Предметот ќе биде вратен на повторно судење.
Поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, утрово не дојде навремено на судското рочиште за случајот „ТНТ“, чија завршница е пред крајот, откако пријавил дека претходно бил претепан.
Третообвинетиот за одмаздничкото рушење на „Космос“ навестил дека бил нападнат синоќа по што нема да може да присуствива на процесот кој е во трка со времето да финишира со првостепена пресуда.
Според неговиот адвокат, тој се наоѓал во болница, а настанот бил пријавен во полиција. Трајковски наводно шетал со поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, кога бил нападнат.
По прес конференцијата на заменик министерот за животна средина , во однос на загадувањето во земјава, за кое Јани Макрадули цитираше бројки и факти, од О2 Иницијатива реагираат .
Од таму искажуваат разочарување, потенцирајќи дека е фрапантно и површно, како човек како Макрадули аматерски и ненаучно носи заклучоци во презентираните податоци.
Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, за емисијата „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ потврди дека делата на кои е насликан поранешниот премиер Никола Груевски се отстранети од партиското седиште.
Претседателот на најголемата опозициска партија нагласи дека се отстрануваат и други на чии места се поставуваат ликови и содржини кои оставиле белег низ историјата. Тоа, според лидерот на ВМРО ДПМНЕ, не значи дисконтинуитет од времето на политиките на Груевски бидејќи, како што изјави, партијата е веќе реформирана и обединета.
Игор Јанушев, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, го потврди ставот на партискиот лидер Христијан Мицкоски дека со евентуална промена на власта и обезбедено двотретинско мнозинство ќе дојде до враќање на старото уставно име.
Според функционерот на најголемата опозициска партија, тоа е став кој партијата во повеќе наврати го пласирала во јавноста и дека има намера тоа и да го оствари доколку обезбеди 80 пратеници.
Празните ѕидови сведочат дека во партиското седиште повеќе ги нема фотографиите на Никола Груевски .Три малолетни дечиња биле жртви на сопствениот татко. Сексуалниот злоставувач е под око на ОЈО од Битола кое покрена истрага против 58 годишен маж од Битола.
Власта не очекува опозицијата „да и прави сопки“ во техничката влада преку дополнителниот министер за финансии што ќе го номинира и ќе треба да стапи на функција на 100 дена пред предвремените парламентарни избори, затоа што веќе го обезбедила задолжувањето кај странските банки и за ново ќе нема потреба до април, брифиран е „Фактор“ од извор близок до „Бихаќка“.
Најголемите три такси служби во земјава се во Скопје и во Струмица и трите имаат приход еднаков на или поголем од еден милион евра. Најуспешната компанија во најголемите десет такси служби има добивка од 65.700 евра, а најуспешната има профитна маргина од 25 отсто. И таксизмот не е исклучиво машки бизнис. Меѓу 15 најголеми компании четири се во сопственост на жени.
Се повеќе граѓани сакаат кредит од финансиските друштва, а побарувачката е условена од желбата за задоволување на ургентни потреби, купување на рати, комфорно аплицирање, брз одговор и нудење на прилагодливи решенија. Во разговор за Фактор Горан Василев, директор на ИутеКредит вели дека нивни клиенти се сите оние кои не сакаат да бидат дел од шалтерските редици, да чекаат недели и месеци за одговор на своите кредитни барања, како и оние кои не се во зоната на интерес на гломазниот банкарски систем. Најавува нови услуги за клиентите, но и нови таргет групи кои ќе можат да добијат кредит како пензионерите, но и хонорарците.
