ФОКУС НА ДЕНОТ: Трето видео за „Рекет“ ја „запали“ Македонија, опозицијата бара избори
Јас сум премногу ангажирана затоа не ја држам редовно под контрола, инаку она без мене не може ништо – му вели специјалната обвинителка Катица Јанева на бизнисменот Орце Камчев во новото трето видео објавено во италијанскиот медуим Ла Верита. Таа зборува за обвинителката Лиле Стефанова, од која, како што објаснува Бојан Јовановски, Орце се плаши.
Потоа Орце Камчев му се јавува на Бојан Јовановски и му вели дека на луѓе им пристигнал допис од Катица Јанева, меѓу кои и на братот на неговата сопруга, на што Бојан Јовановски, кој е во друштво со Катица Јанева објаснува дека тие се повикано како сведоци, за да има малку активности во април.
По новото видео кое се појави денеска, се јави со реакција и специјалната јавна обвинителка во оставка, Катица Јанева.
„Во врска со денешните снимени разговори презентирани на порталите, повторувам дека во интерес на предистрагите и истрагите кои се водат во Jавното обвинителство кое го водам, повеќе пати сум разговарала со разни лица, во обид да се издејствуваат подобри позиции во кривичните предмети, а тоа често се случуваше да се одвива преку од нив назначени посредници. Во конкретниот случај, во тој период, се водеа преговори од моја страна со лицето О.К. да стане соработник – сведок во една нова предистрага која ја водевме во Обвинителството, заедно со еден од моите помошници обвинители. Ги повикувам истражните органи што е можно побргу да ја завршат истрагата, да ги приберат сите докази и да ги завршат сите форензички вештачења поврзани со случајот „Рекет“, за целосно расчистување на овој случај и обелување на моето име“– наведува Јанева во писмената изјава.
На тацна имаме сервиран криминален октопод, разголен и размонтиран речиси до последната келија, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на Фејсбук.
Наведува дека главната закана и пречка за правдата во Македонија е токму врхушката на власт од која тој криминален октопод со сите негови учесници од првиот до последниот ја наоѓа својата сила.
„Ако веќе првите луѓе на власта се криминалци, молкот на заспаното обвинителство и судство кажува дека се нивни најверни слуги. Сега е јасен отпорот на Заев за реформите во обвинителството, јасни се и притисоците кон газдите на медиумите кои под дамаклов меч на партизираното судство и обвинителство мора да известуваат за работата на владата, а секоја критика мора да биде дозирана, иако голем дел од медиумите покажуваат пркост достојна за почит. Никој не верува во оние алиби соопштенија на владата, ниту пак во правдањата на комрпомитираното СЈО, а уште помалку на оние правдачки и помалку комични настапи на злоупотребеното момче портпарол. Вистината е дека владата под маската за борба против криминал создаде и штити криминал. Таквото толерирање на криминал веќе прераснува и во навреда на интелегенцијата на граѓаните. Симплифицирано ова би значело, Катица, која е пуленот на Заев, треба да почекаме да се врати од "боледувањето" кое случајно го врви на море кај јужниот сосед, со надеж дека можеби и ќе залади за да се одоброволи да даде изјава за нејзиното учество во милионскиот рекет“, вели Мицкоски.
Случајот „Рекет" покажува дека она за што се боревме со граѓаните, сите ние заедно, стапува на сцена, порача премиерот Зоран Заев на Фејсбук по најновата снимка објавена од Италија.
„Во најновиот објавен разговор некои од осомничените го спомнуваат и злоупотребуваат моето име. При тоа се изнесуваат лаги и бесмислици со цел едниот соговорник да ја зајакне својата позиција на моќ и авторитет пред другиот соговорник. Најостро, категорично и одговорно отфрлам било каква поврзаност, соработка или комуникација со осомничениот Бојан Јовановски во врска со случајот "Рекет" и за било какви други прашањата кои се предмет на истрагата за овој случај. Со Бојан Јовановски единствено имам разговарано за хуманитарни активности на неговиот Меѓународен сојуз, после што ниту јас ниту Владата не сме имале никаква натамошна соработка, ниту формална, ниту неформална. Се имам појавено и на интервјуа во 1тв, како што редовно се појавувам на сите други телевизии и медиуми, во интерес на отвореноста кон јавноста. Уште еднаш, ги повикувам сите истражни органи во целост, ама во целост да го истражат случајот и да носат одлуки. Институциите на извршната власт им стојат на располагање со цел свој капацитет на истражните и правосудните органи“, пишува Заев.
Северна Македонија е подготвена за правда, колку и тоа да е тешко и трауматично, додава премиерот.
Градоначалникот на Општина Гостивар и генерален сектерат на Алијанса за Албанците Арбен Таравари, се огласи по третото продолжение на снимките за аферата „Рекет“.
„Оваа Влада веќе нема никаков кредибилитет, барем на крај да направат еден рационален потег, што побргу да назначат Експертска (техничка) влада и да организираат предвремени парламентарни избори! Со оваа Влада, не верувам дека ќе има датум за почеток на преговори со ЕУ“, напиша Таравари.
