ФОКУС НА ДЕНОТ: Сведок тврди дека Боки 13 барал рекет од 2 милиони евра, МНР демантира дека Димитров знаел за рекетот
Сашко Бошков, адвокатот и кум на бизнисменот Зоран Митровски, денеска како сведок на судското рочиште рече дека Бојан Јовановски, првоосомничен во случајот „Рекет“, побарал два милиони евра „за да му помогне“ на неговиот кумашин како обвинет во случајот „Поштенска банка“ на СЈО.
Боки 13 му рекол на Бошков, додека овој бил во неговата телевизија, да му пренесе на Митровски дека против него има уште четири истраги и дека треба да ја плати оваа висока сума на пари. Во телевизијата бил и синот на Катица Јанева, а Бошков таму гостувал во врска со емисија за кошаркарската федерација.
- Кога отидовме (во телевизијата), Боки ме праша дали се знам со Зоран Митровски, на што му одговорив дека ми е кум. Тогаш ме праша дали знам дека има неколку истраги во СЈО. Кога му реков дека е осомничен во Поштенска Банка, рече дека има уште неколку, уште четири. Ми рече дека може да помогне – рече сведокот и додаде дека потоа Боки 13 пред него се јавил на мобилен телефон, што алудира на тоа дека разговорот се одвивал со обвинетата Катица Јанева, тогаш специјална обвинителка на СЈо.
Томе Главчев, газда на „Ноел“ конфекцијата од Гевгелија, се расплака во судница додека сведочеше за случајот „Рекет“ во денешното сведочење на бизнисмените од предметот „Поштенска банка“ на СЈО.
Главчев рече дека на 19 јуни 2018 година бил повикан во СЈО за да му кажат дека е осомничен и да даде изјава по што целиот случај му станал сомнителен. Следувал претрес во 5 часот наутро во неговиот дом во Гевгелија од страна на полиција вооружена со автоматски пушки, по што во истиот момент се расплака..
Како груба лага го оценува министерот за надворешни работи Никола Димитров сведочењето на бизнисменот Зоран Митровски, почесниот конзул на Латвија во земјава кој денеска во судница тврдеше дека Димитров знаел за рекетот што го прави Бојан Јовановски и дека тоа му го кажал лично поранешниот нерезидентен амбасадор на Латвија во земјава Албертс Сарканис.
Од Министерството за надворешни работи велат дека со Сарканис, Димитров имал, како што велат, многу кус, сосем неформален разговор за време на дипломатски коктел. Настанот се случил на 18 октомври 2018 година кога Рекет не беше актуелен и краткиот разговор бил на стоење без закажување, со четириесетина луѓе наоколу.
„Изненадена сум од одлуката, но нема да коментирам“, изјавила за Факултети директорката на Македонскиот народен театар, Симона Угриновска, која е казнета со 15 отсто помала плата во наредните три месеци за случајот со дивеењето на навивачката група „Шверцери“. Владата вчера ја донесе оваа одлука во врска со настанот од 23 ноември, кога голем број навивачи од групата „Шверцери“ го опседнаа МНТ, газеа и скокаа по столчиња, со што му нанесоа штета од околу 4.000 евра.Премиерот Зоран Заев рече дека директорката на Македонскиот народен театар не ја формализирала фамозната прослава на „Шверцерите“, односно на ФК „Шкупи“ и затоа Владата одлучила да и биде изречена казна со намалување на платата за 15 проценти во траење од 3 месеци.
- Одлуката е комплексна и се работи за насоки од Владата кон Министерот за култура. Првенствено одлуката е да се надомести штетата. Потоа станува збор директорката, за комуникација која не ја формализирала. Владата изрази јасна волја дека мора да има санкции, а одлуката за дисциплинската мерка е на Министерството за култура за непроцедурални постапувања. Санкцијата не е заради некој да зема помалку или повеќе плата, туку да не се повтори истото тоа. Постојат правилници за наградување и санкционирање во јавната администрација. Се знае согласно во кои ситуации и на кое ниво се постапува и согласно тоа Владата ја даде својата препорака, рече денеска Заев пред новинарите.
Полицијата објави детали за истрагата и снимката за апсењето на меѓународна нарко-група , предводена од двајца Македонци и чија членка била актерката Силвија Стојановска. Оваа вест наголемо ја пренесоа и медиумите од регионот кои излегоа со наслови: „Детали од апсењето на познатата Југословенска актерка поради 700 климограми кокаин! Нејзиниот сопруг лидер на кланот, а еве каква била нејзината улога“..., „Еве како падна нарко-банда на чие чело е сопругот на позната актерка-Шверцувале вреден кокаин“ ...Кината, театрите, галериите и останатите културни установи не работат поради предупредувачкиот штрајк на работниците од културата. Вчера во националната галерија "Мала станица" се одржа и годишната протестна изложба на Друштвото на ликовни уметници на Македонија која се поклопи со самиот штрајк.
Социјалните работници се посомневале и го пријавиле случајот со сексуалното злоставување на децата во Битола.
Ова деновиве ја потресе македонската јавност. Таткото на возраст од 58 години, сексуално ги злоставувал трите деца на возраст од 6, 8 и 13 години во текот на 2019 година во нивниот дом. Тој доби 30 дена притвор.
Агенцијата за управување со одземен имот за прв пат по четири години со дозвола од Владата ќе понуди на продажба станови и куќи одземени правосилно.
Станува збор за станови во Кисела Вода со почетна цена од 46, односно 38,5 илјади евра, станови во Карпош од 100 илјади и 34 илјади евра, како и куќа во Центар од безмалку 200.000 евра.
Најголемите 10 фирми кои тргуваат со електрична енергија и се присутни во земјава лани оствариле кумулативен приход поголем од 430 милиони евра. Најголемите пет трговски компании присутни на нашиот пазар се странски.Почнуваме да ја испишуваме историјата на банкарскиот сектор, во делот на окрупнувањето на банките. Новата банка ќе има актива поголема од една милијарда евра. Тоа е обем кој сам по себе носи значајни придвижувања и поместувања во банкарскиот сектор.
Кога во мај годинава беше назначен за генерален секретар на СДСМ, Љупчо Николовски најави дека заедно со коалицијата се сигурни победници на следните парламентарни избори. Тогаш навести силни внатрешни реформи, зацврстување на внатрешната организација и нови концепти и модели на функцонирање. Колку успеа во своите намери за внатрешни реформи на партијата за само шест месеци?
