ФОКУС НА ДЕНОТ: Стигаат честитки за Пендаровски, утре во Скопје неработен ден поради посетата на Папата
Честитки за победата на Стево Пендаровски стигнаа од странство, но и од домашните политички субјекти.
Џереми Хант, министерот на надворешни работи на Велика Британија на твитер упати честитки за изборот на Пендаровски за претседател.
„Честитки за Стево Пендаровски, новиот претседател на Северна Македонија! Вашата земја имаше историска година и со нетрпение очекуваме да ги зајакнеме врските меѓу Велика Британија и Северна Македонија. Истовремено, ја поддржуваме вашата земја во нејзините напори да стане членка на ЕУ и НАТО“, стои во честитката.
Алијансата за Албанците им заблагодари на граѓаните кои го изразиле нивниот суверенитет и му ја честита победата на Стево Пендаровски на претседателските избори.
Утре e неработен ден на територијата на Град Скопје поради посетата на Папата.
Вака одлучи Владата. Веста е објавена на веб сајтот на Владата.
„Согласно последните организациски проценки поврзани со протоколот за посетата на Неговата Светост Папата Франциск, и согласно потребите и барањата на институциите и граѓаните, Владата на Република Северна Македонија донесе одлука утрешниот ден, 7 мај (вторник), да биде неработен ден за сите вработени во јавната и државната администрација на територијата на Град Скопје. Со оваа одлука се опфатени основните и средните училишта, а градинките ќе бидат организирани непречено да ја извршуваат својата функција. Владата им препорачува и на приватните компании, особено од централното градско подрачје да ја прифатат одлуката овој ден да биде неработен и за вработените во овој сектор, и на тој начин да го дадат својот придонес во организацијата на програмските содржини од посетата на Папата Франциск“, информираа оттаму.
Дополнително ќе биде соопштено кој ден ќе биде определен за да се одработи утрешниот неработен ден.
Поради посетата на Папата Франциск утре се воведува специјален сообраќаен режим и траси на автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје.
Како што информираат од Град Скопје, во централното градско подрачје во Скопје, поточно појасот „Голем ринг“, утре од 6 до 19 часот ќе има забрана и ограничување на сообраќајот. Сите возила ќе бидат пренасочени на сообраќајниците околу центарот во Скопје за да може непречено да се движат.
За изборот на Стево Пендаровски за шеф на државата, кој на функцијата ќе го замени Ѓорге Иванов, известуваат и странските медиуми, кои констатираат дека ова се први избори од промената на името одржани во мирна атмосфера поради Преспанскиот договор.
Грчките медиуми пренесуваат дека Пендаровски е кандидат на владеачката коалиција на чело со актуелниот премиер Зоран Заев.
Повикувајќи се на агенциските извештаи, медиумите ја пренесуваат изјавата на Пендаровски кој по прогласената победа порача дека ќе биде претседател на сите граѓани на Северна Македонија без разлика на нивната партиска припадност.
