Економија, финансии, бизнис

Контакт

ФОКУС НА ДЕНОТ: САД ќе ја убедува ЕУ за преговорите, нови СМС пораки за Монструм

ФОКУС НА ДЕНОТ: САД ќе ја убедува ЕУ за преговорите, нови СМС пораки за Монструм

Американскиот заменик помошник државен секретар и специјален претставник за Западен Балкан Метју Палмер изјави денеска во Белград дека одложувањето на почетокот на разговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија е историска грешка и лоша порака за целиот регион, јавуваат српските медиуми.

Палмер по средбата со Вучиќ рече дека САД сакаат Западен Балкан да има европска перспектива и ќе стори сé за да ја убеди ЕУ да го промени тој став пред состанокот на лидерите на Унијата во Загреб следниот мај.

Тој рече дека имал можност денес да разговара со Вучиќ за политичката состојба не само во Србија, туку и во целиот регион, за која рече дека е особено важна откако ЕУ не успеа да најде компромис во отворањето на разговорите за членство со Северна Македонија и Албанија во ЕУ.

Францускиот амбасадор во Скопје, Кристијан Тимоние, денеска во Собранието рече дека во мај на следниот Самит на ЕУ во Загреб може да се очекуваат добри вести за Македонија, но само ако се дадат „позитивни точки од ваша и од наша страна“. Ова дипломатот го кажа пред одржувањето на панел дискусијата по повод одбележувањето на 70-годишнината на Советот на Европа посветена на подорбрување на пристапот до обесштетување на жртвите за трговија со луѓе и родово-базирано насилство.

Поранешниот разузнавач Зоран Верушевски доби 42.000 евра за „Пуч“.за претрпената штета како притворен веднаш по објавувањето на бомбите од страна на тогашната опозиција, со обвинувања за неовластено поседување на службениот пиштол, а потоа и за велепредавство и шпиунажа.

Првично советникот за безбедност на премиерот Зоран Заев, Зоран Верушевски, во тужба пред Основниот граѓански суд Скопје бараше оштета од државата во висина од  околу 71 илјада евра за поминатите 344 дена во притвор.

Премиерот Зоран Заев денеска го прими во посета претседателот на Европскиот Парламент Давид-Мариа Сасоли, кој во нашата земја е на покана на Претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Сасоли, и членовите на неговиот кабинет имаа билатерална средба со премиерот Заев и со членовите на делегацијата на Владата на Северна Македонија на која беа заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Нова порака има од Франција, а тоа е дека за Македонија нема друга алтернатива освен ЕУ. 

Заменик претседателката на францускиот Сенат, Елен Конве - Муре, денеска на македонските претставници и од власта и од опозицијата им рекла дека државата нема друга алтернатива освен полноправно членство во Унијата.

Во Кривичен суд денеска продожи читањето на транскрипти од смс пораки и друга комуникација за случајот кој ја потресе државата во 2012 година кога кај Смилковско езеро беа убиени млади момчиња и еден рибар.

Повеќето од смс пораките прочитани на денешното рочиште беа во периодот од 3 до 8 мај 2012 година меѓу тогашните политичари, а кои биле таргет на следење и биле дел од аудиоматеријалите доставени до СЈО.

Според она што беше презентирано во една смс порака лидерот на ДУИ Али Ахмети на Бујар Османи му пишува „Зошто се гориш себеси за Монструм. Те видов вчера и ми беше жал, ти не си голема функција во влада, зошто не избегна да збориш за тоа”.

Слично

Поврзани вести