Економија, финансии, бизнис

Контакт

ФОКУС НА ДЕНОТ: Почнува повратот на ДДВ, а од вечерва имаме и поскапи горива

ФОКУС НА ДЕНОТ: Почнува повратот на ДДВ, а од вечерва имаме и поскапи горива

Почнува повратот на ДДВ. Граѓаните од денеска ќе треба да ги собираат фискалните сметки од производите кои ги купиле и услугите кои ги добиле, а за кои платиле најмногу 30.000 денари. Секоја сметка треба да се скенира на посебна апликација „МојДДВ“ која ќе треба да се инсталира на паметен мобилен телефон за да од сите после корисникот добие поврат на 15 отсто од платениот ДДВ.

Во следните недела дена почнувајќи од ноќеска на полноќ ќе точите горива по цени кои бележат раст од 1,50 односно 1 денар.

Според денешната одлука на РКЕ за денар ипол се зголемува цената на ЕУРОСУПЕР БС – 95 и тој ќе се точи за 68,50 ден/лит.

ЕУРОСУПЕР БС-98, дизелот и Екстра лесното масло за домаќинство бележат скок на  цената за 1 денар односно ќе чинат 70,50 ден/литар, дизелот ќе биде 61,50 ден/лит, додека Екстра лесното масло за домаќинство ќе биде 51 ден/лит.

Мазутот пак ќе се точи по цени од 34,849 ден/кг.

Обвинителството бара протвор за шестмина обвинети во случајот „Дурмо турс“.

За обвинетите, кои моментално се во домашен притвор, обвинителството бара мерка притвор.

Јавното обвинителство нив ги товари за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Меѓу обвинетите е и сопственикот на „Дурмо турс“, кој се сомничи дека не вршел контрола над целокупното работење на фирмата, а раководењето со возниот парк го препуштил на лице без сертификат за професионална компетентност во патниот сообраќај. 

Според обвинителството, и газдата и раководителот биле свесни за техничката неисправност на автобусот, но не го поправиле, затоа што знаеле дека и таков ќе го мине техничкиот преглед кој се вршел во здружение во сопственост на истиот газда. Обвинети се и три други лица, вработени во станицата за технички преглед.

Франција е против проширување додека Европската Унија не се реформира. 

Претседателот на Франција, Емануел Макрон го критикуваше отсуството на договор во рамки на ЕУ за распределбата на водечките функции во Унијата и повторно повика на институционални реформи во Унијата.

„Мораме да ги поедноставиме процедурите за да бидеме побрзи, посилни и заедно да напредуваме. Во таа смисла скептичен сум во врска со приказните за тоа дека иднината на ЕУ е во нејзиното проширување, во ситуација кога гледаме дека ние 28 не можеме да се договориме. Го одбивам секое проширување пред да биде спроведена длабока институционална реформа во ЕУ“, изјави Макрон.

Вели  дека неможноста да биде постигнат договор помеѓу земјите членки го доведува под прашање кредибилитетот на Унијата и дава лоша слика за Европа.

Слично

Поврзани вести