ФОКУС НА ДЕНОТ: Пендаровски оди кај Макрон во Париз, кај Заев има оптимизам
Претседателот Стево Пендаровски дефинитивно ќе се сретне со францускиот шеф на државата Емануел Макрон.
Ова за Фактор го потврдија од Кабинетот на претседателот Пендаровски.
Средбата ќе се одржи за време на посетата на претседателот Пендаровски на Париз, на 12 ноември, велат од кабинетот.
Се очекува на средбата шефот на македонската држава да дознае нешто повеќе за француската идеја како земјава да ги надмине препреките на патот кон Европската унија.
Шефот на државава Стево Пендаровски следната недела ќе престојува во Франција каде што ќе учествува на Парискиот мировен форум, на кој ќе биде и францускиот претседател Емануел Макрон.
Премиерот Зоран Заев е задоволен затоа што ќе има средба помеѓу македонскиот претседател и францускиот, Стево Пендаровски и Емануел Макрон во вторник.
Заев вели дека ќе ги претстават своите аргументи. Пендаровски ќе се обиде да го убеди Макрон дека Македонија заслужува да добие датум за преговори.
„Среќен сум што конечно висок наш претставник ќе се види со првиот човек на пријателска Франција и да се разговара за сите аргументи, за Макрон да ги разгледа ситуациите, прашањето не е важно само за Северна Македонија, за Западен Балкан, туку и за Европа“, вели Заев.
Предупредувањата на балканските лидери кај аналитичарите предизвикува страв дека неуспехот да се придружат на европскиот блок, би можел да го дестабилизира геополитички чувствителниот регион на Западен Балкан во кој расте влијанието на другите земји, меѓу кои се Русија и Кина, пишува Фајненшл тајмс.
Северна Македонија и Албанија се соочуваат со ризик од зголемен национализам и застој во реформите, затоа што ЕУ со години им ги затвора вратите за приклучување кон Унијата, наведува во анализата Фајненшл Тајмс.
Пратеникот Илија Димовски денеска беше опоменат на денешното рочиште за случајот „Талир". Судијата Осман Шабани на обвинетиот му изрече јавна опомена во отсуство. Следното рочиште за нелегалното уплаќање на средства на сметката на ВМРО-ДПМНЕ е закажано за 13 декември.
Димовски не беше присутен на денешното рочиште а претходно не го известил судот за причината. Шабани рече дека е последен пат да дозволи одложување на рочиштето. Ниту претседателот на Собранието, Талат Џафери, не го известил судот дека Димовски има неодложни обврски како пратеник.
