ФОКУС НА ДЕНОТ: Наскоро реконструкција на Владата, Димитров ги демантираше информациите дека ќе се повлече
Следните денови, премиерот Зоран Заев и лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети почнуваат разговори за реконструкција на Владата.
Предлогот за разрешување на дел од постојните министри и избор на нови, се очекува во Собранието да се најде некаде во јуни, најавува министерот Бујар Османи, заедно со првите луѓе во новото Министерство за политички систем, кое треба да се формира по укинувањето на Секретаријатот за рамковен договор.
Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи побара од премиерот Зоран Заев да не го користи зборот „метла“ во јавните настапи затоа што тоа било компромитирачки за другите.
- Тоа претставува понижување и навреда не само за претставниците на ДУИ, туку и за другите партнери на коалиционата влада. Неприфатливо е да се користи таков термин, дури и кога станува збор за промени во државните функции - рече Османи.
Заев најави промени во сите државни ешалони, дури и во самиот СДСМ, но и во администрацијата каде што смета дека се прават опструкции и не се даваат очекуваните резултати.
Кабинетот на Никола Димитров веста и шпекулациите дека министерот за надворешни работи повеќе нема да биде шеф на македонската дипломатија и дека се договорил да работи во САД ги оценија како „безобразно лажни“.
„Безобразно лажна вест, злонамерна шпекулација и ништо повеќе е веста дека министерот за надворешни работи Никола Димитров си заминува од оваа функција“, гласи демантот од неговиот кабинет.
Откако Алсат објави дека е можно како дел од најавените промени во виоскиот државен врв да дојде до заминување на Димитров од МНР, кај блиските портали до опозицијата проструија гласини дека за него веќе има ново работно место како виш советник и аналитичар во „Брукингс институтот“ во Вашингтон.
Папата Франциск вчера за новинарите во авионот по полетувањето од Скопје кажа кои се неговите впечатоци од посетата на Мaкедонија и Бугарија.
Тој објасни дека тоа се две крајно различни земји. Бугарија, како што вели е држава со вековни традиции, додека Македонија има вековни традиции, но е млада држава и има „млад народ”.
„Бугарија е нација со традиција стара со векови. Македонија, од друга страна, има традиција со векови, но не како држава: како народ, кој на крајот се изборил да формира нација. Се работи за прекрасна борба! рече Папата.
Староста на бугарската нација, Франциск ќе ја спротистави со почетоците на христијанството и посетата на апостолот Павле која според христијаните Македонија е симбол на влезот на христијанството на Истокот. Македонскиот народ е горд на ова, тие не пропуштаат прилика да спомнат дека христијанството влезе во Европа преку нив, преку нивната врата, бидејќи Павле беше повикан од Македонец, рече Папата во своето објаснување.
