ФОКУС НА ДЕНОТ: Нападнати Ристовски и Јанакиески, роднините на Мира Стојчевска се откажуваат од работните места
Eкс министерот Миле Јанакиески, осомничен дека бил организатор за насилниот 27 април, денеска е претепан во истражниот затвор Шутка, каде отслужува 30 дневен притвор.
Нападнат бил и екс министерот Спиро Ристовски, кој исто така од синоќа е во притвор во истражниот затвор, Шутка.
Aлмакос пишува дека ги нападнала кумановската група, но чуварите брзо реагирале.
Надлежните дадоа детали за инцидентот во затворот Шутка.
Од Управата на истражниот затвор Шутка информираа денеска како дошло до физичкиот напад на екс министрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, кои се во триесет дневен притвор по барање на обвинителството во рамките на истрагата за настаните во Собранието на 27 април, 2017 година.
На инцидентот најпрвин претходела вербална расправија која била предизвикана од Спировски кон еден од затворениците со иницијали Л.К, која подоцна преминала во лесна физичка пресметка која била веднаш прекината од службите на затворот.
„Подоцна повторно за време на редовна прошетка дошло до друг вербален инцидент предизвикан од Јанакиески кон друг затвореник со иницијали Е.К, кој преминал во физичка пресметка која исто така била веднаш прекината од службите на затворот“, информираат од Шутка.
Прибрани се писмени изјави од очевидци и известен е надлежниот суд.Пратеничката од СДСМ, Мира Стојчевска попладнево преку соопштение извести дека нејзиниот сопруг ќе се откаже од унапредувањето во командир на Шумската полиција во Делчево, а нејзиниот брат ќе се откаже од работното место во РЕК Битола.
Поради обвинувањата за непотизам, тaa се огласи на Фејсбук. Вели дека ги следела реакциите и дека се залага за еднакви можности за сите.
Пишува дека откако е пратеник, а и претходно ниту влијаела, ниту пак имала намера да интервенира за вработување на член на семејството или некој близок роднина.
„Тоа е спротивно на моите принципи и етички критериуми. Сепак сакам јавно да соопштам дека мојот сопруг Ило Стојчевски, кој во Шумска полиција – Сектор Делчево при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како заменик – командир работи од 1998 година, уште на 14. 02. 2019 година побара да биде отповикано временото овластување со кое привремено беше назначен за командир на Шумската полиција – Делчево. Иако не сум имала никакво влијание во неговото овластување за командир на шумската полиција – Делчево, следејќи ги моите, но и неговите принципи за отчетност пред граѓаните, мојот сопруг, независно од неговото долгогодишно искуство одлучи да се врати на старата позиција заменик-командир во Шумската полиција – Сектор Делчево. Исто така, сакам да информирам дека и мојот брат Целе Велевски, кој преку Агенција за привремени вработувања беше ангажиран на определен период од пет месеци во РЕК Битола, се откажа од ангажманот. Иако мојот брат сам одлучува за својата иднина и за иднината на неговото семејство, а неговиот ангажман беше легален, легитимен и во ниту еден случај не беше поврзан со одредена политичка партија, тој реши да се откаже од овој привремен ангажман поради неоснованите сомнежи дека јас сум имала некакво влијание при неговото ангажирање, што целосно не е точно“, пишува Стојчевска.