Економија, финансии, бизнис

Контакт

ФОКУС НА ДЕНОТ: Meркел ќе се заложи за Македонија, Заев веќе ги има имињата за реконструкција

ФОКУС НА ДЕНОТ: Meркел ќе се заложи за Македонија, Заев веќе ги има имињата за реконструкција

Првиот човек на германската влада, Ангела Меркел, денеска од лидерскиот самит на ЕУ во Брисел порача дека ќе го вложи целиот свој политички авторитет за Северна Македонија да добие датум за преговори со унијата до октомври. 

Според германската канцеларка, станува збор за многу кратко време за кое земјата треба да покаже трпение, јави дописничката на МИА од Брисел, откако беше запрашана дали може на некој начин да даде гаранција дека одлуката нема повторно да биде одложена.

„Ќе направам сѐ што можам за да се донесе таа позитивна одлука затоа што Северна Македонија направи примерна работа со Преспанскиот договор, одлична работа, и разговаравме за ова вчера. Станува збор за неколку недели, навистина, но нашата заложба стои и што се однесува до мене ќе ја заложам сета своја политичка тежина за ова“, одговори Меркел на новинарско прашање.

Во недела попладне премиерот Зоран Заев до Собранието ќе го достави предлогот за реконструкција на Владата. Тогаш, како што рече, ќе ги соопшти деталите околу имињата и ресорите.

„Нашата земја денеска, утре и во недела претпладне е домаќин на Конституенцата на повеќе од 15 министри за финансии, гувернери, тројца потпретседатели на Светската банка и двајца потпретседатели на Меѓународниот монетарен фонд. Сакаме да се покажеме во најдобро светло и тоа е главната причина. Одлуките се донесени и во недела попладне ќе ги доставам до Собранието материјалите за сите промени што ќе се случат во Владата“, изјави Заев.

Но, се работи и на вториот бран со кој треба да бидат опфатени директори и членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија.

Заев вели дека ќе имаат решенија со кои ќе им служат на граѓаните. 

Премиерот Зоран Заев го брани новинарот Бранко Героски, а заканувачот се извини.

Заев на неговиот Фејсбук профил објави статус за слободата на говорот и за притиоците кон новинарите, откако вчера новинарот Бранко Героски објави дека добил закани од лице кое се претставува како обезбедување на СДСМ.

Утрово, Героски беше и во седиштето на партијата и кај претседателот Стево Пендаровски, а реакција имаа и ЗНМ, ССНМ и АВМУ.

„Демократијата можеме да ја унапредуваме само ако сме гласни и ако ги штитиме слободата на говорот и слободата на медиумите. Како човек и како политичар најостро осудувам какви било закани упатени до граѓани или новинари, и се борам против сите обиди на загрозување на нивниот интегритет. Слободата на говор и на изразување се неприкосновени и нема да дозволам на кој било начин да биде загрозено ова елементарно и загарантирано право. Како премиер на отворена, транспарентна и демократска влада укажувам на важноста медиумите да работат ослободени од притисоци, професионално и пред сè, за граѓаните и во интерес на владеењето на правото и демократијата“, напиша премиерот.

Слично

Поврзани вести