ФОКУС НА ДЕНОТ: Македонија слави, каква ќе биде иднината на Вардар?
Македонија го слави успехот на Вардар.
Се загрева атмосферата на Меѓународниот аеродром Скопје меѓу навивачите ги чекаат македонските херои од Вардар кои станаа европски прваци.
Според последните промени „црвено-црните“ херои ќе пристигнат во 20:30 часот, а пред аеродромот веќе има неколку стотици навивачи.
Европските шампиони полетаа од Келн за околу час и половина треба да пристигнат во Скопје. На аеродромот во Скопје се пее и се вејат македонски знамиња.Maкедонските ракометни шампиони ќе стигнат подоцна од планираното во Скопје.
Ракометарите на Вардар со задоцнување ќе пристигнат на скопскиот аеродром, поради административни причини, појаснува скопскиот градоначалник, Петре Шилегов.
„Почитувани, заради административни причини (пасоши, документи и сл) авионот од Келн ќе полета во 18.00 часот. Слетувањето во Скопје е најавено во 20.30 часот. Останатото останува исто. Се гледаме на централниот градски плоштад Македонија на достоинствен пречек на нашите шампиони !!! Напред Вардар !!!, напиша на Фејсбук, Шилегов.
Клубот Вардар има светла иднина и покрај предизвиците со кои се соочува. Ракометните експерти за Фактор велат дека следните сезони ќе докажат дека станува збор за одржлив клуб, па и со актуелното раководство. Клубот беше соочен со финансиски проблеми, ракометарите и сиот персонал не земале плата неколку месеци. Гино Стрезовски, професор по ракомет на Факултетот за физичка култура и поранешен ракометен селектор, вели дека актуелното раководство покажало добар менаџмент и очекува тимот во следниот период да се консолидира и да се стабилизира.
„Пропаднале и некои познати светски клубови како на пример Алетико Мадрид и ќе пропаѓаат и во иднина. Клубовите ги раководат бизнисмени и тоа се случува. Сепак сметам дека Вардар нема да има таква судбина, напротив клубот ќе се одржува. Можеби следната година на пример, нема да се повтори овој успех, а можеби ќе сме сведоци на навистина успешни следни сезони. Тоа зависи од многу фактори, но извесно е дека ова раководство покажа добар менаџмент. Што точно се случувало и се случува внатре, јавноста не ги знае деталите, но и досегашните залагања на Сергеј Самсоненко се огромни за овој клуб. Човекот направи многу за клубот и го водеше одлично, вели Стрезовски.
На прашањето како Македонија да одржи еден ваков клуб, Стрезовски вели дека државата може малку да стори, речиси ич. Клубовите, смета, се бизниси кои им припаѓаат на сопствениците, на менаџерите.
Ракометниот великан Вардар уште еднаш ја покори Европа и играчите се враќаат во Скопје повторно триумфално, иако во атмосферата струи неизвесноста со иднината на клубот, самиот тим и неговите амбиции од следната сезона. Мислењето на спортските новинари е дека на скопскиот гигант му се потребни многу пари но и време за одново да изгради нова екипа.
