Економија, финансии, бизнис

Контакт

ФОКУС НА ДЕНОТ: Maкедонија доби техничка Влада, обвинение за Ременски

ФОКУС НА ДЕНОТ: Maкедонија доби техничка Влада, обвинение за Ременски

Со 101 глас „за“ Собранието попладнево избра техничка Влада. 

Немаше против, ниту воздржани пратеници. 

Со министерствата во техничката Влада ќе управуваат Наќе Чулев, Радмила Шеќеринска, Рената Дескоска, Mила Царовска, Горан Сугарески, Садула Дураки, Крешник Бектеши, Дамјан Манчевски, Трајан Димковски, Рашела Мизраки, Арбр Адеми, Горан Милевски, Хусни Исмаили, Насер Нуредини, Роберт Поповски, Едмонд Адеми, Музафер Бајрам, Зорица Апостолска, Бардил Даути, Хисен Џемаили кои ќе ги водат министерствата во периодот до изборите.  Министрите дадоа свечена изјава. Техничкиот премиер, Оливер Спасовски повика на чесно и одговорно извршување на функцијата. 

Обвинението е конструкција без докази, тврди пратеничката од редовите на СДСМ, Фросина Ременски. 

Ова го изјави откако денеска Јавното обвинителство го објави новото обвинение за случајот „Рекет“. Тоа е поврзано со невладината организација Меѓународен сојуз на Боки 13. Бојан Јовановски е првообвинет за измама и перење пари, но обвинение за помагање во измамата има и за Ременски, неговиот татко Миле, соработничките Јасна Мандиќ и Христина Блажевска. 

Ременски вели дека одлуката за обвинение против неа е избрзана и апсурдна. Вели дека одлуката на ЈО е само уште една потврда за тоа дека конструкции без докази може да станат основи за обвинение. 

Како дојдовте така ќе си одите, со техничка Влада, му порача денеска пратеникот Илија Димовски на техничкиот премиер, Оливер Спасовски. 

Тој рече дека  министрите за странски инвестиции, никој не може да им ги погоди имињата, и се заблагодари што дел од кадрите денес се појавиле со Собранието. 

Мој приоритет во наредниот период ќе биде организирање мирни, фер и демократски избори, изјави попладнево технички министер за внатрешни работи, Наќе Чулев. 

„За таа цел ќе бидат преземени широк спектар активности за превенирање евентуални обиди на криминални, насилни и други структури за нарушување на изборниот процес. Дополнително, со оглед дека се работи за сензитивен безбедносен период, во соработка со меѓународни и други државни институции, ќе бидат преземени активности за стабилизација на државата, заштита на уставниот поредок и безбедноста на граѓаните“, рече Чулев.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски на седница во Собранието попладнево изјави дека сега е време кога треба да се организираат фер избори, но и да заврши нашето зачленувањето во НАТО. 

Вели дека му е предизвик да ја води Владата во овој период. 

Бојан Јовановски или Боки 13, кој е првообвинет во случајот Рекет, вели дека се чувствува како политички затвореник, нагласувајќи дека вистината за случајот ќе се дознаела само ако има правичен процес.

Поранешна заменичка на осомничената Катица Јанева, обвинителката Елизабета Јосифовска, во денешното свое сведочење на судското рочиште за случајот „Рекет“ потврди дека го потпишала мислењето за издавање на времена патна исправа за бизнисменот Јордан Камчев како обвинет во „Империја“.

Не е дека не држат аргументите на министерката за финансии Нина Ангеловска дека нискиот праг за плаќање во кеш од само 500 евра носел ризик наместо да ја намали, дополнително да ја разгори сивата економија. Таа вчера рече дека законските измени со кои лимитот се крена на шест пати повисоко ниво, 3.000 евра, се предложени од група пратеници, а не од нејзиното министерство.

Министерството за образование и наука ќе плати 5,7 милиони евра на пет домашни фирми кои треба да преведуваат, лекторираат, уредат и да испечатат учебници за основно и средно образование за следната година. 

Слично

Поврзани вести