ФОКУС НА ДЕНОТ: Каде се снимките од бегството на Груевски, и кој ќе дава исказ за пензиите?
Албанската полиција нема конкретен одговор за снимките за бегството на поранешниот македонски премиер, Никола Груевски.
Генералниот директор на албанската полиција Арди Велиу, одби да одговори на ова прашање.
Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески минатиот месец изјави дека снимките кои Албанија требаше да ги достави до Македонија за бегството на Груевски не се доставени до македонското обвинителство, затоа што биле избришани.Скопското јавно обвинителство ја повика министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска в петок на 8 февруари да даде исказ за кривичната пријава која ја поднесе Министерството за труд и социјална политика, потврдија за „Макфакс“ од Обвинителството.
Поканата до Царовска доаѓа откако до скопското јавно обвинителство беше поднесена кривична пријава против непознати сторители за неуплаќањето средства во вториот пензиски столб на 12 илјади осигуреници.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неделното интервју на Радио Слободна Европа вели дека прво треба ВМРО-ДПМНЕ да победи на избори, да формира влада, па менување на процесите ќе одат чекор по чекор.
„Дали ќе бидам премиер на Република Северна Македонија, јас и тогаш кажав, еве и сега ќе го повторам дека подготвен сум да бидам премиер и за мене секогаш ќе остане Република Македонија не сметајќи ја оваа историска грешка којашто ја направи владата на СДСМ и Зоран Заев заради лични и кариеристички цели“, вели Мицкоски.
По долго отсуство, поранешниот македонски премиер и претседател, Бранко Црвенковски се појави на политички настан во Подгорица.