Економија, финансии, бизнис

Контакт

ФОКУС НА ДЕНОТ: Jaнакиески, нотари и службеници се уапсени, ВМРО-ДПМНЕ обвини за политичка пресметка

ФОКУС НА ДЕНОТ: Jaнакиески, нотари и службеници се уапсени, ВМРО-ДПМНЕ обвини за политичка пресметка

Миле Јанакиески и останатите функционери кои денеска МВР ги уапси и им поднесе кривични пријави распродавале градежно земјишпте против државните интереси и предизвикале штета на Буџетот во вкупен износ од 162.644.745,00 денари или 2.647.802 милиони евра. Обвинителството побарало и мерки за имотно-правни побарувања во висина на штетата. Надлежен јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерката притвор за сите осомничени

Покрај Јанакиески, станува збор за уште Д. Д. (44) од Скопје, Б.Д.Д. (41) од Скопје, В.С. (51) од Скопје, А. Ј. (36) од Велес, Д. М. (32) од Скопје, вработени во Министерството за транспорт и врски, Е. Р. (53) од Скопје, Државен правобранител за подрачје на град Скопје од 23.01.2007 до 30.10.2018, осомничени за злоупотреба на службена положба и С.К. (54) од Скопје вработена во Агенција за катастар на недвижности осомничена за несовесно работење во службата, Р.П. (64) и Л.С. (59) нотари од Скопје, како и за М. Ј. (51) од Скопје, сопственик и управител на фирмата која требало да гради хотелски комплекс на три парцели од другата страна на Вардар спроти Градскиот парк во Скопје, како и проневера со парцелата на која требало да се градат т.н.Шпански скали во центарот на градот.

Утринските полициски апсења на поранешни функционери, нотари и службеници во транспорт се последица на проневера со хотелски парцели и со Шпанските скали кои требаше да се градат на скопскиот плоштад. Се работи за истрага за продажба на државно земјиште, по несоодветна постапка, со што буџетот е оштетен за над 2,5 милиони евра.

Каков проект беа шпанските скали и што се случи со нив?

Во 2015 година Општина Центар даде согласност на плоштадот Македонија да никнат шпански скали за кои беше планирано да бидат потрошени 1.580.000 евра.

Тогаш општина Центар издаде дозвола за изградба на објекот, а советниците на Град Скопје ја одобрија изградбата со 24 гласа „за“ и 10 гласа „против“. Кога се смени локалната власт во февруари минатата година новиот градоначалник Саша Богдановиќ стави стоп на решението за градба.

Богдановиќ го поништи и го огласи за ништовно издаденото одобрение на фирмата „Амадеус Девелопмент“ за изградба на објект за комерцијални и деловни намени на улица 11 Октомври бб во централното градско подрачје.

Oд ВМРО-ДПМНЕ велат дека денешните апсења се брутален политички напад.

Од партијата додаваат дека станува збор за толкување на управна постапка, која што може да се толкува на различни начини.

Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николовски денеска на прес конференција кажа дека ова е 751. истрага против членови на ВМРО-ДПМНЕ .

„Ова е брутален политички напад. Со акцијата, помеѓу другите, лишени се од слобода членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Димовски, претседателот на еден од најголемите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ, ОК Аеродром, Дејан Митевски, како и други лица. Во оваа акција власта влегува со директна пресметка со членови на ВМРО-ДПМНЕ злоупотребувајќи и обични службеници. Во акцијата, покрај поранешниот министер, приведени се и 6 жени што работат во разни институции  како обични службенички. Приведени се шест недолжни граѓани на оваа држава – жени, обични службенички што си ја работат својата работа во Катастарот, Министерството, кај нотари и во правобранителството“, изјави Николоски.

Николовски вели дека претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ бил уапсен затоа што на претходните претседателски избори го поразил СДСМ.

Слично

Поврзани вести