ФОКУС НА ДЕНОТ: Иванов се сели, Заев отиде на одмор, „метлата“ ќе почека
Претседателот Ѓорѓе Иванов побарал кабинетот кој законски му следува по завршувањето на функцијата да биде во кулите на турски „Џевахир Холдинг“ во скопски Аеродром.
360 Степени дознава дека канцелариите на Иванов ќе бидат на два ката во една од зградите. Едниот простор, за службените обврски на неговиот кабинет, е на 22 кат. Вториот простор, за библиотека и состаноци е близу самиот врв, на 38 од 42 ката колку што имаат кулите.
Премиерот Зоран Заев нема да „мете“ функционери и други кадри барем во наредните четири дена, бидејќи за време на тој период ќе биде на одмор, објави владината прес служба.
Мини-одморот на шефот на Владата доаѓа по претседателските избори кои за одржаа на 5 мај а по нив беше најавено дека ќе има „чистка“, односно кадрови промени во државниот врв, но и во пониските шалони, администрацијата, локалната самоуправа и самиот СДСМ. Во меѓувреме Заев ќе го пречека Папата Франциск во Скопје на 7 мај, беше во Сараево на Самитот на ЕБРД, се одржа владина седница и се одбележа Денот на Европа - 9 мај.
„Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија информира дека премиерот Зоран Заев во периодот од 10 до 14 мај ќе користи дел од своите слободни денови, заради приватни причини.
Не е постигнат напредок за законот за јавното обвинителство и на денешната средба на работните групи на Владата и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Министерството за правда.
Клучното прашање за кое се разговарало, како што рече по средбата министерката Рената Дескоска, е членот 105 односно околу продолжувањето на постапките и користењето на доказите кои се собрани досега.
– ВМРО-ДПМНЕ остана на нивното барање постапките кои се отворни по првите 18 месеци од формирањето на СЈО да бидат запрени, сите докази кои се обезбедени да пропаднат во вода односно да не бидат употребливи, а сите мерки кои се преземени да престанат. Тоа поконкретно значи – ако им е замрзнат имотот како партија да биде одмрзнат, ако се изречени мерки на претпазливост и за јавување во суд да престанат, а евентуално тие постапки да бидат сопрени. Таквите ставови се неприфаливи, изјави Дескоска.
На денешната средба станало збор и за испраќање на законот до Венецијанска комисија. Тоа, вели Дескоска, сега не е можно зашто има рокови за донесување на законот. Венецијанската комисија не треба да се користи како повод и причина за одолговлекување на носењето на законот, додаде министерката за правда.
Работник во Тетовско со камен во глава го убил холандскиот газда.
Холандски државјанин, сопственик на расадник за украсни дрвца во тетовско село Прељубиште е убиен на имотот, дознава МИА од извори во истрагата.
Од СВР Тетово информираат дека во полицискиото одделение во Јегуновце е пријавено дека има најдено мртво тело на имотот на расадникот „Еуроплантс“.
