ФОКУС НА ДЕНОТ: И денеска нови „бомби“, покренато обвинение за организаторите на „крвавиот четврток“
Новa тура „бомби“ се појавија на Фејсбук профилот Ел Чека, и повторно на тапет се функционери на ДУИ. Во новите снимки тој ги посочува Али Ахмети, Муса Џафери, Блерим Беџети, а во една од објавите се споменува и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска која наводно признава дека случајот „Сопот“ е политички монтиран процес.
Ел Чека во видео снимка се обраќа на јавноста и се заканува дека нема да престане со објавување на разговори се дури не започне меѓународна истрага за Диво Насеље.
„Материјалите ми се од Сами Укшини (командант Соколи), Ваљон Зека и Шек Халачи кои се во затворите на Македонија. Во случај мене ми се случи нешто, одговорноста ќе биде нивна. Чекавме четири години за да има правда. Поседуваме многу видеа и нема да престанеме се дури нема истрага од меѓународната заедница“ - Ел Чека.
Од МВР велат подготвуваат кривична пријава, а во меѓувреме бараат од Фејсбук да го блокира неговиот профил.
Зад профилот Ел Чека стои момче кое е родум од Кичевско, а живее во Чикаго и има 28 години.Братот на Ел Чека, човекот кој од Чикаго ги објавува таканаречените „бомби“ за ДУИ, се обрати до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски преку албанскиот портал „Лајмпрес“.
„Сакам јавно да му кажам на Спасовски за налогот за апсење издаден против мојот брат, треба истиот налог за апсење да го издаде и за неговиот лидер Зоран Заев. Мислам дека зборуваме за истото дело, како што ги објави Зоран Заев, истото го стори и мојот брат Ел Чека. Законот треба да биде ист за секоја личност, без разлика на која позиција е“, пишува Лајмпрес.
Ова момче деновиве е актуелно со „бомбите“ на албански јазик во кои таргет се членови на ДУИ. Ел Чека тврди дека „бомбите“ ги добил од членови на Кумановската група.Основното јавно обвинителство соопшти дека се отворени четири обвиненија за организирање на крвавите настани во Собранието на фамозниот „27 април“ пред две години. Според досегашните сознанија, предистражна постапка се водеше за осомничените поранешни министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, некогашниот собраниски спикер Трајко Велјановски и екс-директорот на УБК, Владимир Атанасовски, како достапни за органите. Како недостапни, а наедно осомничени досега беа поранешниот премиер Никола Груевски и Никола Бошковски од УБК, но за нив засега нема обвинение бидејќи се надвор од дофат за обвинителството.
„По повеќемесечна сеопфатна истражна постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска до Кривичниот суд Скопје, поднесе обвинителен акт против четири лица. На обвинетите им се става на товар дека сториле кривично дело – терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. За две лица, кои во моментов се недостапни на органите на прогонот, постапката е запрена до нивно пронаоѓање“, се вели во соопштението на ОЈО.
Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка при Кривичен суд Скопје доставил предлог за продолжување на мерката куќен притвор за еден од обвинетите, додека за двајца обвинети предложи определената мерка притвор да биде заменета со мерка куќен притвор.
