ФОКУС НА ДЕНОТ: Филипче му помогна на малиот Милош, Заев и Мицкоски се договорија за СЈО
Малиот Милош е во стабилна здравствена состојба а резултатите од електрокардиографијата и ехокардиографијата се во граница на нормала и тој е добар.
Ова го соопшти министерот Венко Филипче на социјалните мрежи каде преку неколку фотографии докажа дека го исполни даденото ветување.
„Се договоривме за една година повторно да дојде на преглед. Милош ќе расте во здраво дете и ќе биде наш иден спортист“, пишува министерот Филипче.
Работни групи на СДСМ и на ВМРО – ДПМНЕ од денеска ќе работат на новиот предлог закон за јавно обвинителство со кој се предвидува интегрирање на Специјалното јавно обвинителство во Јавното обвинителство, најавија по вечерашната средба во Владата премиерот Зоран Заев и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
На средбата се разговарало за обезбедување услови за одржување фер и демократски претседателски избори и за реформските закони, меѓу кои се и законите за разузнавачките служби.
Заев и Мицкоски не разговарале за предвремени парламентарни избори, а не било прифатено барањето на ВМРО-ДПМНЕ на нивен предлог да се избира државниот јавен обвинител.
Со спонтано породување во февруари на свет силна мајка донесе машко дете.
Ова бебе е најголемото родено бебе во земјава кое е родено тешко 5700 грама.
Оваа убава информација со јавноста ја сподели Гинеколошко акушерската клиника а покрај тоа што е најголемо, бебето било 55 цм долго.
Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи на Македонија, додека трае точката на дневен ред за негова интерпелација во Собранието рече дека полицијата во денешно време не апси функционери на ВМРО-ДПМНЕ, туку криминалци, одговарајќи на коментарите дека се прикриваат убиства.
„Како прво, не апси МВР, туку обвинителството. А и кога апсиме, тоа не се функционери, туку криминалци на ВМРО-ДПМНЕ“, истакна Спасовски во своето обраќање пред пратениците.
