ФОКУС НА ДЕНОТ: Филипче ќе дели маски, Владата ќе oбезбеди канцеларија во НАТО
Министерството за здравство ќе подели 40.000 маски за заштита од загадениот воздух за хронично болни пациенти и на оние на кои најмногу им треба, вели во интервју за Фактор, министерот Венко Филипче. Набавката е завршена, а кога била направена, имало обврска маските да не се повлечат веднаш. Сега министерот вели дека ќе почне повлекувањето и истовремено и поделбата на маските.
„Направивме набавка без обврска да ги повлечеме и сега ќе ги активираме. Ќе им се даваат на хронично болните кои имаат проблем со белите дробови. Ќе бидат поделени околу 40.000 илјади маски, вели Филипче.
Владата веќе го задолжи Министерството за финансии со ребалансот на буџетот за 2019 година да обезбеди 3.116.000 евра, од кои 2.316.000 евра за еднократно плаќање кон НАТО, на име купување простории за Мисијата на РСМ при НАТО.
Од вкупната сума, 800.000 евра ќе бидат наменети за адаптации, но истото ќе се плаќа на рати, при што со новиот буџет за 2020 година да обезбеди буџетски средства во износ од 500.000 евра за доплаќање на име адаптации, како и 120.000 евра за режиски трошоци за 2020 година, вклучително и 7.000 евра за трошоци за одржување ИТ-опрема за 2020 година.
Сархемс има обврска да инвестира по 9 милиони евра годишно во својот бизнис во Македонија со хеликоптерскиот медицински тим за спасување, изјави Драги Рашковски, владиниот генерален секретар по завршувањето на повикот за јавно-приватно партнерство.
Владиниот функционер кој го води овој проект демантира дека државата ќе ги троши овие пари и дека вкупната сума за осум години би била 72 милиони евра државни пари.
Тој вели дека во овој случај државата ќе дава само логистичка поддршка преку Брза помош, кризните центри, МВР и армијата.
Ќе успее ли шефот на македонската држава Стево Пендаровски да го „омекне“ срцето на францускиот претседател Емануел Макрон, на негов терен, во француската престолнина.
Средбата на двајцата претседатели е закажана и потврдена. Во Елисејската палата, на 12 ноември или попрецизно во вторник идната недела, на заедничка маса ќе седнат двајцата политичари.
Засега е извесно само дека Пендаровски ќе патува за Париз, но никој не сака да шпекулира што ќе донесе оттаму во својот дипломатски куфер.
Најмалку сака да излегува со претпоставки самиот Пендаровски. Фактор го праша кабинетот на претседателот какви се неговите очекувања од состанокот, но оттаму сметаат дека е неблагодарно било што да се предвидува или прогнозира.
Универзитетскиот професор Нано Ружин за Фактор вели дека средбата меѓу Пендаровски и Макрон е одлична вест за земјава, која за нас ќе донесе позитивен исход.Наскоро ќе дознаеме што предлага Франција за проширувањето на Европската Унија. Франција на 19 ти месецов ќе ја претстави новата нацрт програма за проширувањето на ЕУ на самитот во Брисел. Со тоа проширувањето формално ќе биде ставено на агендата на средбата на министрите за надворешни работи на земјите членки. Шефовите на дипломатиите кои и досега беа „за“ проширувањето инсистирале да биде вратена темата на агенда, но без очекувања за конкретни заклучоци.
