Економија, финансии, бизнис

Контакт

ФОКУС НА ДЕНОТ: Eкс министри во притвор, осум кандидатури во ВМРО-ДПМНЕ, Заев награден

ФОКУС НА ДЕНОТ: Eкс министри во притвор, осум кандидатури во ВМРО-ДПМНЕ, Заев награден

Мерка притвор одреди судот за екс министерот за земјоделство, Михаил Цветков и за поранешниот заменик министер за земјоделство од редовите на ВМРО -ДПМНЕ, Христијан Делев.

За Ацо Спасеновски, поранешен министер и амбасадор на Македонија во Украина, е одредена мерка домашен притвор.

Ацо Спасеновски, Михаил Цветков и Љупчо Димовски беа повикани на разговор во полиција заради истрага за злоупотреба на службена должност во времето кога биле министри за земјоделство. 

Oд партијата ВМРО-ДПМНЕ очекуваат освен 8-те кандидатури во партиското седиште по пошта да пристигнат уште неколку апликации. 

Конечниот број и имињата ќе се знаат во вторник. Сите кои ги исполнуваат законските услови ќе имаат време и простор за презентација на програмата пред општинските комитети и членовите од 6 до 16 февруари. Во јавноста се познати имињата на тројца кандидати, Влатко Ѓорчев, професорката Гордана Силјановска и Филип Петровски. 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски не ги кажа имињата на кандидатите и најави дека ќе ги соопштат деновиве.

Премиерот Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас се избрани годинава да ја добијат престижната награда „Евалд фон Клајст“ што ја организира Минхенската конференција за безбедност, објави грчката новинска агенција АНА-МПА.

Наградата ќе им биде доделена на 16 февруари за придонес кон регионалната стабилност по имплементацијата на Преспанскиот договор. Со тоа Заев и Ципрас влегуваат во редот на досега наградените Кофи Анан, Хавиер Солана, Џон Мекејн, Хенри Кисинџер, Хелмут Шмит, Јоаким Гаук и др.

Веста ја соопшти претседателот на конференцијата, Волфганг Ишингер, на Твитер. 

Пратеникот Антонио Милошоски денеска објави на Фејсбук дека шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров не дозволил пред собраниската комисија за надворешни работи да се видат биографиите на новоименуваните амбасадори така што, како што пишува тој, ги прогласил документите за доверливи.

„Власта продолжува со грубо кршење на Деловникот на Собранието. Министерот за надворешни, Никола Димитров, денеска ги понижи пратениците во Собранието, но и новинарите и јавноста, со тоа што биографиите на амбасадорите Игор Џундев, Горан Стевчевски, Оливер Крлиу, Никола Колев, Абдулкадар Мемеди, Сузана Зеленковска, Екрем Ебиби, Рамадан Азифи, Крум Ефремов и Мира Крајачиќ кои ќе ја претставуваат Македонија во меѓународните организации во Виена, Австрија, Шпанија, Обединтетите Арапски Емирати, Словенија, Босна и Херцеговина, Германија, Украина и Шведка и нивните тези ги прогласи за класифицирани информации“, напиша пратеникот Антонио Милошоски на Фејсбук.

Слично

Поврзани вести