ФОКУС НА ДЕНОТ: Чавков зад решетки, го сакаат ли Грците „Воинот на коњ“?
На екс директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, му е одреден притвор во траење од 30 дена поради опасност од бегство.
„Имено, по добиени сознанија и поради страв дека обвинетиот ќе се даде во бегство и ќе се крие со цел да ја избегне кривичната одговорност, обвинителството побара од Основниот суд Скопје 1 – Скопје да му биде определена мерка – Притвор. Кривичниот совет го прифати предлогот на обвинителството и на обвинетиот со Решение му определи мерка – Притвор во траење од 30 дена“, информираат од обвиителството.
Обвинетиот е дел од предметот што се води за настаните во Собранието од 27 април 2017 година, за кој главната расправа е завршена и е закажано рочиште за објавување на пресудата.
По клинчот во соседна Грција околу така наречена размена на скулптури се огласи и Владата.
Од Владата посочуваат дека засега од страна на Грција нема никаква иницијатива да се разменуваат споменици меѓу двете земји и овие информации ги сметаат како шпекулации.
Утринава во грчките медиуми осамнаа наслови дека министерката за култура на Грција предложила споменикот „Воин на коњ“ да замине за Атина, а атинскиот „Тркач“ да пристигне во Скопје.
Одбиените 11 закони кои претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов, одби да ги потпише, најверојатно за да не пишува под објавениот указ во Службен весник дека е шеф на Сееврна Македонија, се вратени повторно во собраниска процедура и одново треба да бидат изгласани од 61 пратеник. Во тој случај Иванов мора да ги потпише овие закони.
Собранието од 1 април нема да заседава поради одржувањето на претседателските избори, а дали до тогаш ќе се најдат на дневен ред ќе се знае по службеното патување на претседателот на парламентот Талат Џафери кој оваа недела е во Романија и Литванија.
Според информациите од собраниската прес-служба, тој не потпишал и три реформски закони донесени со консензус на власта и опозицијата и изгласани со двотретинско мнозинство.
Сенг падна во Македонија. Обожавателите на скијањето се израдуваа на новата тура снег која утрово ја покри Попова Шапка. По неколкуте објавени фотографии на социјалните медиуми забележливо е дека токму таму паднале над 10 сантиметри снег.Скоро на сите планини ширум државата падна нов снег, а метеоролозите го најавија тоа пред неколку дена.
