ФОКУС НА ДЕНОТ: Бојкот на настава и протести поради загадувањето, јавноста чека детали за шверцот на кокаин
„Сакаме да дишеме“, порачаа младите на протест во Скопје, кој е организиран со цел да ги алармираат надлежните да преземат мерки.
„Маршот за воздух“ го организираа триесетина граѓански иницијативи кои се борат против загадувањето на воздухот.
Тие протестираа пред Министерството за животна средина од каде се упатија кон Собранието, и кон Владата.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов донесе решение за разрешување на директорката на гимназијата Никола Карев во Скопје, Горица Илиовска, по објавената снимка каде на насобраните ученици во холот на гимназијата се заканува со последици врз учениците, доколку истите излезат на протест против загадувањето и глобалното затоплување. „Градот Скопје им укажува на сите раководители на своите институции дека во својата секојдневна работа треба да ги исполнуваат принципите според кои се избрани како почитувањето на правото на слободно мислење, правото на протест и демократскиот натпревар на идеи. Оваа градска администрација стои зад сечие право на протест и слободно мислење и во неа нема место за закани кон средношколците и нивното демократско право на собир и протест. Правото на здрава животна средина е неприкосновено право, исто како и правото да се протестира за истото. Битката против климатските промени и за чистиот воздух мора да биде заедничка, на институциите, но и на граѓаните. И не само декларативна, туку и конкретна. Институциите да предначат, а граѓаните со свој пример да учествуваат во неа. Само така, таа битка може да ја добиеме. Сите заедно“, објавено е на Фејсбук профилот на Шилегов. Полицијата не излезе со детали, а молчи и обвинителството за шверцот со кокаин. Судот синоќа одлучи на актерката Силвија Стојановска да ѝ одреди куќен притвор.За истиот случај во затворот Шутка на издржување притвор е однесен нејзиниот партнер Војислав Будисављевиќ кој во 2010 година беше осуден заедно со скопјанката мадам Пепи –која кривично одговараше за шверц на кокаин и брендирана облека. Дел од шпанските медиуми пишуваат дека станува збор за добро организирана група која подолг период е внимателно следена, вклучувајќи ги и финансиските трансакции, притоа нагласувајќи дека поголеми количества на дрога се пронајдени во повеќе градови во Шпанија. Стојановска, вчера при излегување од Кривичниот суд, откако даде исказ, на прашањето дали е приведена поради дрога само кратко одговори „Боже, боже“. „Магарето замина, удривте по мене“, изјави денеска екс министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески алудирајќи на бегството на поранешниот премиер, Никола Груевски. Јанакиески кажа дека имал блиски релации од 2006 и 2007 година со семејството на бизнисменот Фијат Цановски и дека дури им биле на свадбата.
Државни пазарни инспектори земале примероци од екстра лесното масло за домаќинство за греење за кое некои државни институции, училишта и градинки пријавија дека е со сомнителен квалитет.
Во денови кога е екстремно загадено, подобро е граѓаните да не излегуваат и да не се изложуваат на загаден воздух, но доколку мораат да излегуваат, се советува да носат маски.
Владата не успеа, како што планираше, до крајот на годината да ја направи државата 100-отстотен сопственик на целиот гасоводен систем иако имаше 32 милиони евра на располагање од државниот буџет за таа намена.
Многу новини предводат домашните банки кога новите технологии се во прашање иако сепак, во земјава се уште дури 88 отсто од вкупните трансакции со картичките се за вадење готовина од банкомат.
