ФОКУС НА ДЕНОТ: Aнтикорупциска со предмети за повеќе функционери, датумот за преговори виси?
Државната комисијата за спречување на корупција по пријава на ВМРО-ДПМНЕ отвори предмети за случаите „Глобал“ и „Едно евро за Вицето“ поврзани со премиерот Зоран Заев. Ќе се испитува и случај во кој општина Струмица, додека Заев бил градоначалник, продала државно земјиште кај касарната.
ВМРО-ДПМНЕ поднесе пријави против двајца актуелни владини фунционери - вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
Кај Анѓушев станува збор за продажба на земјиште во Дреново.
Комисијата за спречување на корупција отвори случаи против Јово Вангеловски, претседателот на Врховен суд, Рамиз Мерко, градоначалникот на Струга и Ирена Пановска, ќерката на сопственикот на „Др.Пановски“ и в.д директорка на Клиниката за хематологија.
Антикорупционерите во случајот на Вангеловски ќе истражуваат дали е прописна набавката на возило марка „ВМВ“ во вредност од 40.000 евра и дали ја злоупотребил набавката за лична корист.
За набавка на возила се испитува и ситуацијата со Мерко, кој набави четири возила во вредност од 114 илјади евра, од кои едно „ауди А6“ во вредност од 67.000 евра .
Eвроамбасадорот Самуел Жбогар ја потврди неизвесноста за добивање датум за преговори во јуни.
Жбогар рече дека датумот за преговори е во рацете на земјите-членки на Унијата.
„Денес не можам да најавам отворање преговори во јуни, бидејќи тоа е одлука на нашите земји-членки. Но, вие имате силен и убедливи аргументи и чашата се полни“, изјави Жбогар.
Тој ги повика политичарите да покажат единство за да се исполнат европските интеграции.
„По неколкуте избори изминатите години кои длабоко ја поделија земјата време е политичарите и политичките партии да ги остават на страна своите разлики без оглед дали се идеолошки, етнички или лични. Време е да се демонстрира единство за целта и да се интензивираат напорите, прво да се почнат пристапните преговори, второ брзо да се прави прогрес во преговорите“, вели Жбогар.
Вицепремиерот Бујар Османи вели дека земјава ги исполни сите ветувања со носењето на тешките одлуки и дека сега кредибилитетот на евроинтеграциите зависи од испорачувањето и забрзувањето на интеграцијата на регионот во ЕУ.
