ФИЗИОТЕРАПЕВТКА ОД КУМАНОВО, БАРА ПОМОШ: Тврди дека со години живее во страв поради семејно насилство од нејзиниот татко
Во видеообраќање објавено на социјалните мрежи, Цветковска вели дека не бара сожалување, туку реакција и заштита од надлежните служби. Таа посочува дека нејзиниот татко, според неа, подолг период е зависен од алкохол и има дијагностицирани ментални нарушувања, што довело до постојан страв во нивниот дом.
„Денеска се обраќам како жртва на семејно насилство и како некој кој бара помош од институциите. Не барам сожалување, не барам коментари, не барам никој да ме тапка по рамо. Само сакам да бидам слушната и да добијам помош“, вели таа во видеото.
Цветковска тврди дека нејзиниот татко во 2019 година бил хоспитализиран во Психијатриската болница во Скопје, а минатата година и во Психијатриската болница „Бардовци“. Сепак, според неа, семејството повеќепати добивало одговор дека нема услови за прием или дека состојбата не е проценета како доволно сериозна за понатамошно лекување.
„Ние сме три жени кои живееме со човек кој постојано се заканува дека ќе нè убие. Имало обиди за самоубиство и обиди за насилство кон нас. Денеска повикавме полиција и цел ден сме по институции, но никој не сака да го прими во психијатриска установа“, наведува таа.
Таа раскажува дека во истиот дом живеат нејзината мајка, баба и братот кој има церебрална парализа, кој, како што вели, со години е изложен на истите тешки ситуации.
„Имам брат со церебрална парализа кој ги преживеа сите овие трауми. Неговата состојба беше многу лоша последната година, често сме по болници, а и таму татко ми доаѓаше во алкохолизирана состојба“, изјави Цветковска.
Таа апелираше до институциите да најдат решение, посочувајќи дека семејството нема финансиски можности за преселба, а сегашниот дом е единствено приспособен за потребите на нејзиниот брат и неговата инвалидска количка.
„Не барам некој да ни каже да се отселиме, бидејќи тоа не е реално решение. Барам помош за брат ми и за нашата безбедност пред да биде предоцна“, порача таа.
Цветковска ги повика надлежните институции итно да реагираат и да обезбедат соодветно сместување или третман за лицето за кое тврди дека претставува опасност за семејството.
„Не сакам да дојдеме до момент кога ќе има жртви. Кажете ми кој е надлежен за ваков случај или помогнете ни да најдеме безбедно решение за брат ми“, апелираше таа.
