Финансиска полиција отвори случај против организацискиот директор на Клиниката за токсикологија
Управата за финансиска полиција отвори случај против организацискиот директор на Клиниката за токсикологија - Скопје, кој купил медицински средства од економски оператор кои не биле потребни, а исто така, ниту било дозволено да се продаваат на пазарот.
До Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесена е и кривична пријава против управителот на Уни – Медикал ПСТ Скопје и службеничка од Агенцијата за лекови и медицински средства која дала дозвола медицинските материјали да влезат на пазарот.
Директорот во 2016 не постапил целосно по Решението за давање согласност на Советот за јавни набавки, и иако знаел дека Клиниката нема потреба за набавка на медицинска опрема, објавил оглас за набавка на медицински средства во кој дефинирал набавка во еден неделив предмет и технички спецификации, кои упатуваат на конкретно производство, со што ја ограничил конкуренцијата, а со цел фаворизирање на економскиот оператор Уни – Медикал ПСТ Скопје.
Уни – Медикал ПСТ Скопје се стекнал со противправна имотна корист во износ од 3.542.317 денари, а штета на буџетот на Клиниката е во износ од 942.315 денари. Покрај тоа, управителот на Уни-Медикал ПСТ Скопје за медицинското средство во Агенцијата за лекови и медицински средства употребил исправа со невистината содржина со невистинит податок за потеклото на медицинското средство, кое инаку не е регистрирано во регистарот на медицински средства, како и не е извршено запишување во регистар на медицински средства што се води во земјата. Уни – Медикал ПСТ Скопје така извршил увоз и продажба на медицинското средство во вкупна вредност од 6.115.468 денари.
