Финансиска полиција „го тресе“ поранешното раководство на Прилепска болница
Неофицијално, поранешното раководство на Прилепската болница е на тапет кај Управата за финансиска полиција и на Основното јавно обвинителство Прилеп. Повеќе детали се очекуваат во следниот период.
Финансиската полиција од утрово вршат претреси на повеќе локации во градот поради сомнежи за финансиски злоупотреби на Прилепската болница, потврдија од Обвинителството.
Минатата есен две недели полицијата работеше на проверка на сета документација, а новото раководство објави дека биле наводно пронајдени фиктивни фактури за услуги.
- Морам со големо жалење да констатирам дека наследивме огромен долг. Обврските што ги има болницата, по разни основи, изнесуваат речиси 193 милиони денари. Има доста фиктивни фактури, а во одредени случаи се плаќало авансно. Затекнавме и големи суми за ресторански услуги, а на пример, една иста фирма фактурирала високи суми на фиктивни фактури за услуги, како поправка на ѕидови, на машини за перење, за чистење клима уреди, косење трева, дезинфекција на подови, до едукација на медицински сестри, а ниту една медицинска сестра не е запозната со таа едукација. Тековните обврски не се подмирувале и сме наталожени со долгови. Се вршеле и фиктивни транспорти на име - службено патување, рече тогаш в.д. директорот Кире Јоноски.
Прилепската болница нуди здравствени услуги на преку 100.000 жители од регионот.
