Финансиите воопшто не се пречка за да може да се пропатува светот
Милош Димковски од Куманово е млад човек, автор кој одлучил на еден необичен начин, со автостоп да патува по светот. Зад него се многу изминати километри, држави, градови, а неодамна Димковски ја промовираше и својата книга „Годините кога научив да летам“, дело во кое зборува и за своите патешествија. За Фактор, Димковски раскажува како изгледа да се патува автостоп и која е целта на неговото патување.
Фактор: Кумановската јавност веќе ве знае како млад човек со авантуристички дух кој патува автостоп. Како дојдовте на идејата да патувате автостоп?
Почетоците на овој вид патување датираат од 2014 година, во периодот кога бев заситен од секојдневието во Куманово, од целиот комфор и удобноста, што едноставно почнав да се чувствувам празно. Моментот кога слушнав еден внатрешен повик беше пресуден за да го напуштам познатиот светоглед и да се впрегнам во патиштата на непознатото. Не знаев каде поточно се движев, но бев подговен да се следам себе. Токму преку автостоп, успеав да продрам во длабочината на себеси и како изминував илјадници и илјадници километри, така се извлекував од личниот теснотилак. Од сите досегашни авантури и после неколкугодишно пишување го создадов новиот роман „Годините кога научив да летам“, што претставува симбиличко претставување на спознаеното искуство и повикот кој истрајно ме водеше низ животот.
Фактор: Како ги бирате дестинациите каде ќе патувате? Колку земји, градови, километри имате поминато?
До сега сакав да патувам низ површина на Европа, почнувајќи од Германија, Франција, Италија, Норвешка, Полска, Данска, Швајцарија... Изминав над 30 000 автостоп километри, после сите патешествија и заситеност, сега се стремам да отскокнам на некој друг континет, да се соочам со „другоста“ и да отпочнам со пишување на ново поглавје од мојата животна приказна.
Фактор: За сите млади кои сакаат да патуваат на ваков начин, како да се организира едно патување со автостоп, а при тоа да биде евтино, но и што побезбедно?
Мислам дека човек кој сака да патува на ваков начин треба да поседува решителност и храброст, едноставно да му забрани на умот да поставува прашања, зошто тие најмногу нè спречуваат во остварување на соништата. Во моментот кога ќе го победиме стравот, ќе може да се ослободиме од прангите на ограниченост и пополека да се впуштиме во едно неизвесно патување од кое многу може да научиме. Кога стопираш, секогаш е евтино, тогаш немаш потреба да плаќаш за транспорт, но освен тоа може да се најде и бесплатно сместување преку неколку интернет платформи: couchsurfing и workaway кои се меѓу најпознатите низ светот. Кога човекот е мотивиран да се впушти во вакво патешествие, нема да наоѓа никакви оправдувања, туку ќе дејствува и ќе сфати дека финансиите воопшто не се пречка за да може да се пропатува светот.
Фактор: Неодамна ја промовиравте вашата книга „Годините кога научив да летам“. За каков тип на роман станува збор и споделивте ли дел од вашето патувачко искуство со читателите?
Романот претставува автобиографска-фикција, и најголем дел од приканата е базиран врз лични доживеани искуства и спознанија. Ова е приказна која зборува за решителноста на еден млад човек да напушти сѐ во животот и да тргне на патување низ европските патишта со една цел – да го најде внатрешниот мир на островот, за кој и не е сигурен дали воопшто постои. Годините кога научив да летам, ќе ве одведе подалеку од вашите очекувања, ќе ве нурне во светот на талкачи, трагачи и номади, ќе ве спроведе на себеспознавачки координати и ќе ви дошепне колку е важно да се следиме себеси.

Фактор: Која е таргет групата која мора да го прочита вашиот нов роман?
Мислам дека има по нешто за секој вид на читател. Најмногу оние кои се во потрага по себеси, оние кои пробуваат да ја сфатат својата припадност и да го разберат значењето на зборот „дом“. Како и за сите авантуристи и будни сонувачи.
Фактор: Какви се плановите за во иднина? Кои се дестинациите кои планирате да ги истражувате?
Имам неколку планови. Едниот е да го посетам Мароко, а вториот е да одам во Азија, поточно во Малезија, Тајланд и Виетнам, каде планирам да се задржам подолго време.
