Филмско бегство од затворот Идризово: Му го одзел пиштолот на возачот и го застрелал
Како во сцена која потсетува на еден од најпознатите македонски филмови - „Тетовирање“, затвореник од КПУ „Идризово“ ноќеска пред поноќ додека го носеле во болница му го одзел пиштолот на затворскиот полицаец кој го возел, пукал во него а потоа побегнал со друго возилокое го чекало.
Полицаецот е ранет и според медиумски информации, пренесен е итно на КАРИЛ. Бегалецот во затворот во Идризово отслужувал казна затвор во висина од 20 години поради убиство.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, синоќа во 23:20 часот четворица вработени во Затворската полиција кои биле со комбе „Форд транзит“ побарале помош од полициски службеници од СВР Скопје. Во комбето најверојатно имало борба, а медиуми известуваат дека осуденикот е од Тетово.
- Според нивната пријава, додека вршеле спровод на осуденик Б.М од КПУ „Идризово“ кон Ургентниот центар „Мајка Тереза“, на автопатот осуденикот му го одзел пиштолот на возачот И.Х од затворската полиција, пукал и го ранил. Потоа осуденикот побегнал со патничко возило „ауди“. Повредениот затворски полицаец е пренесен во Ургентен центар за укажување лекарска помош, објави МВР.
Се очекува да се огласи и Управата за извршување санкции.
