Економија, финансии, бизнис

Контакт

Филков: Очекувам одговори врз основа на кои факти и аргументи е донесена одлуката за запирање на истрагата за мазутот

Филков: Очекувам одговори врз основа на кои факти и аргументи е донесена  одлуката за запирање на истрагата за мазутот

Министерот за правда Игор Филков денеска реагираше за запирање на истрагата за мазутот. Тој очекува одговори зошто е донесена таква одлука.

„Одлуката за стопирање на истрагата за набавката на мазут е уште еден удар врз довербата на граѓаните во правосудниот систем. Во време кога јавноста очекува расчистување на сомнежите за милионски криминал и злоупотреби, добиваме порака дека предмети од висок јавен интерес се затвораат без целосна разрешница. Како министер за правда, сметам дека оваа одлука мора итно да биде преиспитана. Очекувам целосна транспарентност од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и јасни одговори врз основа на кои факти и аргументи е донесена ваквата одлука.  Истовремено и пред да излезе Советот на јавни обвинители со одговор дека будно ја следат состојбата добро е да знаат дека ваквите одлуки директно ја рушат довербата на граѓаните во правосудниот систем“, вели Филков. 

Првиот човек на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Ислам Абази, ги демантираше гласините дека влијаел врз своите колеги по одлуката да се прекине истрагата за набавка на мазут во ТЕЦ „Неготино“. Неговата реакција следува по острите критики од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои овој потег го нарекоа „спорен“.

Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ упати директни обвинувања кон Абази, тврдејќи дека со запирањето на случајот се амнестираат екс-директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој не е достапен за органите, и бизнисмените Асмир Јахоски и Ратко Капушевски. Според Милошоски, обвинителството работи под политички диктат, а фактот што Ковачевски е во бегство бил игнориран како показател за вина, што дополнително ја поткопува вербата на граѓаните во правдата.

Претходно, од ОЈО ГОКК официјално информираа дека по едногодишна темелна истрага, не се пронајдени цврсти докази дека 13-те осомничени ги извршиле делата за кои се товариле, поради што постапката е стопирана.

Овој предмет првично опфаќаше познати имиња од бизнис секторот, како сопствениците на „Пуцко Петрол“ и „РКЕ“, како и поранешното раководство на ЕСМ. Истрагата започна со голема акција во март минатата година, по што следуваа мерки притвор и високи гаранции во имот и пари, за на крајот обвинителството да заклучи дека нема елементи за понатамошен кривичен прогон.

фото Фејсбук/Игор Филков

Слично

Поврзани вести