Економија, финансии, бизнис

Контакт

ФИЛКОВ БАРА ОДГОВОРИ ОД ОБВИНИТЕЛИТЕ И СУДИЈАТА ЗА КУЌНИОТ ПРИТВОР НА ГРУБИ - Судски совет и Совет на ЈО да утврди дали има основ за одговорност

ФИЛКОВ БАРА ОДГОВОРИ ОД ОБВИНИТЕЛИТЕ И СУДИЈАТА ЗА КУЌНИОТ ПРИТВОР НА ГРУБИ - Судски совет и Совет на ЈО да утврди дали има основ за одговорност

Министерот за правда, Игор Филков на денешната прес-конференција побара Судскиот совет и Советот на јавни обвинители итно да свикаат седници и да утврдат дали има основ за одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор за Артан Груби кој доби куќен притвор откако беше уапсен на граничниот премин по нешто повеќе од една година во бегство. 

Министерот Филков, потенцираше дека Министерството за правда нема да биде нем сведок кога довербата на граѓаните во правниот систем е разнишана, ниту ќе стои на страна кога јавноста со право бара одговори.

- Досега, почитувајќи го принципот на поделба на власта, не сум коментирал конкретни судски и обвинителски одлуки. Тоа е темел на правната држава. Но, кога одлуките отвораат сериозни дилеми и ја доведуваат во прашање еднаквоста пред законот, должност ми е да побарам отчетност - истакна Филков.

Тој нагласи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое бил утврден ризик од бегство – ризик што се остварил – и дека јавноста има право да знае врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи е донесена одлуката за поблага мерка.

Министерот јавно ги повика сите инволвирани во постапката да дадат детално и транспарентно образложение за своите одлуки, потенцирајќи дека одговорноста мора да биде лоцирана со име и презиме.

- Јавно ги повикувам сите актери во постапката да дадат објаснување:

Јавниот обвинител Даниел Коцев, да објасни, врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи е дадено позитивно мислење за замена на притворот?

Раководителот на обвинителството Анел Фидоски, дали стои зад оваа одлука и дали смета дека ова е порака за еднаква примена на законот?

Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, Марин Станевски, кои околности го надминале ризикот од бегство кај лице кое веќе 14 месеци беше недостапно? - кажа Филков на пресконференцијата.

Тој информираше дека побарал објаснување и од надлежните институции во однос на условите во притворските установи и најави вонреден надзор во казнено-поправните установи со цел утврдување на безбедносната состојба.

- Залудно носиме закони ако не се спроведуваат. Залудно зборуваме за реформи ако практиката ја руши довербата. Ова не е прашање на политика, туку на принцип - порача Филков.

Фото: Архива


Слично

Поврзани вести