ФИЛИПЧЕ ЗА НОВИТЕ РЕСТРИКТИВНИ МЕРКИ: За скратување на работното време на локалите и за забрана на јавните собирања за празниците ќе се разговара на денешната владина седница
Министерот за здравство Венко Филипче вели
дека празничните денови кои се пред нас, се огромен предизвик не само за нас, туку
и за целиот свет и дека при димензионирање на мерките се земени во предвид сите
аспекти. Во дневникот на ТВ Сител, тој рече дека за препораките кои вчера ги
усвоија на состанокот на Комисијата за заразни болести ќе се разговара
наденешната владина седница.
-Размислувавме апсолутно на сите аспекти. Морам да кажам дека ние и сега имаме на сила одредени превентивни мерки коишто очигледно дадоа резултат. Денешните анализи покажуваат дека Р0 факторот е веќе под 1, односно 0.95. Но се уште ситуацијата е критична, сметаме дека овие мерки можеби нема да бидат доволни во периодот којшто е пред нас, заради тоа што доаѓаат празници за кои, согласно навиките на луѓето може да има собири и во таа смисла можеби и поголема концентрација на луѓе во угостителските објекти. Сметаме дека тоа е сериозен ризик и затоа го ограничуваме нивното работење до 18:00 часот, изјави Филипче.
Истовремено министерот истакна дека препорачуваат да нема ниту организирани прослави во општините, на плоштадите, во работните организации, нешто што вообичаено се случува.
-Апелираме да нема прослави и собири согласно мерките кои се на сила за забрана за групирање, на пример како иницијатива на верските заедници, имаме и верски празници пред нас. Еден сериозен дел од тоа каков ефект ќе имаат овие мерки, секако зависи од одговорноста на граѓаните. И тоа е така насекаде на светот, потенцираше Филипче и укажа дека иако досегашните мерки даваат резултат, ситуацијата е далеку од тоа дека треба да се опуштиме.
