Филипче за Nova.rs: Постои политичко-финансиска мрежа Орбан – Вучиќ – Мицкоски, СДСМ ќе бара ревизија на спорните зделки
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за српскиот портал Nova.rs изнесе серија тешки обвинувања на адреса на премиерот Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ и структури кои, според него, се поврзани со Виктор Орбан и Александар Вучиќ.
Филипче тврди дека СДСМ веќе подолго време укажува на постоење политичко-финансиска мрежа која ги поврзува Орбан, Вучиќ и Мицкоски, а која, според него, се протега низ медиумите, енергетиката, финансиите, телекомуникациите и инфраструктурните договори.
-Оваа мрежа не ја откриваме од вчера. Ја разобличуваме веќе со месеци, а секој нов ден носи нови потврди. Христијан Мицкоски во Македонија одамна го нарекуваат „малиот Вучиќ“. И тоа не е случајно. Начинот на кој зборува, начинот на кој се однесува, па дури и реториката што ја користи – тоа е евтина копија на Александар Вучиќ - изјави Филипче.
Тој оценува дека политиката на Мицкоски е „копи-пејст“ на реториката на Вучиќ, особено во поделбата на граѓаните на „патриоти“ и „предавници“, како и во пристапот кон Европската Унија.
-Истата реторика околу ЕУ: „може, но достоинствено“, „нема да дозволиме да ни го загрозат идентитетот“, „не отстапуваме ниту милиметар“. Истата идеја целиот регион заедно да влезе во ЕУ, без право на глас – идеја што никој од ЕУ не ја предложил, а Мицкоски прв ја поддржува - вели Филипче.
Во интервјуто, лидерот на СДСМ тврди дека врските со Унгарија се интензивирале откако Мицкоски е на власт, а дека компаниите што влегуваат во Македонија имаат, како што вели, директни врски со Орбан.
-Имавме минимална соработка со Унгарија, а откако Мицкоски е на власт, секојдневно се објавуваат нови „проекти“ со Унгарија. Со месеци предупредуваме дека сите компании што „инвестираат“ имаат директна врска со Орбан – медиуми, енергетика, железница, телекомуникации, финансии - изјави Филипче.
Тој го спомена и поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија.
-А каде е Никола Груевски речиси една деценија во бегство? Токму во Унгарија. Кога бегаше, помина низ Србија, а во Унгарија доби политички азил. Имаме сознанија дека има и српски и унгарски пасош. Треба ли уште докази? - рече Филипче.
Обвинувања за медиумско влијание
Филипче во интервјуто тврди дека Орбан има значајно влијание врз медиумскиот простор во Македонија, повикувајќи се на истражувања на OCCRP и BIRN.
-Доволно е да ги погледнете извештаите на независните истражувачки организации од регионот и Европа. Конкретно, OCCRP и BIRN јасно ги покажаа врските на Петер Сеч и Агнеш Адамик, кои контролираат околу 40 проценти од медиумскиот пазар во Македонија. Тоа е директна врска со Орбан - изјави Филипче.
Тој тврди дека пари од Унгарија, преку Словенија, завршувале во Македонија преку, како што наведува, лажни маркетинг-кампањи со кои биле финансирани телевизии и портали.
-За ова постојат конкретни докази. Ние не зборуваме за теории на заговор. Зборуваме за документирани факти - рече Филипче.
Бара истраги за унгарскиот кредит и „кинеските пари“
Во интервјуто за Nova.rs, Филипче посочи дека СДСМ бара истраги и за кредитот од Унгарија, кој според него треба да се разгледува во контекст на најавите во Унгарија за преиспитување на кинески кредити и меѓународни договори од времето на Орбан.
-Еден од тие скапи и нетранспарентни договори го склучи владата на Христијан Мицкоски со владата на Орбан, задолжувајќи ги граѓаните за милијарда евра - изјави Филипче.
Тој се повика и на објави во странски медиуми дека Унгарија открила претходно необјавени детали за заем од една милијарда евра што владата на Орбан го зела од Кина во 2024 година.
-Истата година кога Мицкоски зеде кредит од Унгарија во истиот износ. Парите Унгарија ги зела од China Development Bank, Export-Import Bank of China и унгарската филијала на Bank of China. Новите информации излегуваат по изборниот пораз на Орбан. Ги криеле трошоците, каматите и еднократните надоместоци. Исто како во Македонија - тврди Филипче.
Според него, потребно е и во Македонија да се отворат истраги.
-Бараме и во Македонија да бидат отворени истраги за кинеските пари. Сè што Маѓар сега го разобличува во Унгарија – перење пари, контрола на медиуми, тајни зделки, корупција – директно се пресликува и во Македонија - рече Филипче.
Спомнати имиња од Србија и енергетскиот сектор
Филипче во интервјуто зборуваше и за, како што тврди, деловни врски меѓу структури од Србија и луѓе блиски до власта во Македонија. Тој го спомена почесниот конзул на Македонија во Србија, Душан Адамовиќ, за кого тврди дека е поврзан со СНС и со енергетски бизниси.
-Во Македонија е познат како близок пријател и деловен партнер на Мицкоски во зделки поврзани со енергетиката. Тој човек беше дел од кампањата на ВМРО заедно со луѓе од СНС кои работеа во кампањата во 2024 година - изјави Филипче.
Тој ја спомена и министерката за енергетика Сања Божиновска, тврдејќи дека таа има претходни деловни врски со „Rudnap Group“.
-Врската со владата на Мицкоски е директна. Тука Мицкоски има уште еден свој човек – министерката за енергетика Сања Божиновска, која директно се поврзува со „Rudnap“. Таа била извршна директорка во „Rudnap Group“ и управителка во „Rudnap DOOEL Skopje“ - рече Филипче.
„Алта банка“ и најави за ревизија
Филипче во интервјуто повторно ја спомена и „Алта банка“, за која тврди дека е поврзана со структури на ВМРО-ДПМНЕ и дека, според него, треба да биде предмет на детална проверка.
-Половина ВМРО практично е во Алта банка. Тие неодамна купија пакет акции од Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, човек кој беше осуден и ја издржа казната. Тоа не е случајност - изјави Филипче.
Тој додаде дека не очекува истраги од македонското обвинителство во овој момент, бидејќи, како што тврди, обвинителството е под контрола на власта.
-Дали очекуваме истраги од македонското обвинителство? За жал, не ги очекуваме во овој момент. Обвинителството е под целосна контрола на Мицкоски - рече Филипче.
Лидерот на СДСМ најави дека партијата формирала антикорупциски тим кој преку платформата Micko.mk собира податоци што, според него, еден ден ќе бидат материјал за „слободно обвинителство“.
Закон за нулта толеранција кон криминал и корупција
На прашањето што би направиле доколку СДСМ повторно дојде на власт, Филипче најави закон за нулта толеранција кон криминалот и корупцијата, по примерот на естонскиот модел.
-Станува збор за закон за нулта толеранција кон криминалот и корупцијата, по примерот на естонскиот модел. Ако моделот успеал таму, и од земја што беше меѓу последните на листите денес важи за една од најдобрите – тогаш може да успее и кај нас - изјави Филипче.
Тој најави и ревизија на сите, како што рече, спорни договори и аранжмани поврзани со „Алта банка“, унгарските кредити, телекомуникациските лиценци и 4iG.
-Сè ќе биде прегледано. Сите сомнителни трансакции, кредити, лиценци и медиумски врски – ништо нема да остане под тепих. Граѓаните ја заслужуваат вистината, а оние што ја злоупотребувале државата и јавните пари заслужуваат одговорност - порача Филипче во интервјуто за Nova.rs.
Во завршницата, Филипче ги отфрли обвинувањата дека СДСМ ја криминализира секоја соработка со Србија и Унгарија.
Орбан – Вучиќ – Мицкоски се како оние руски кукли „бабушки“. Секоја следна е помала. Првиот падна, сега се на ред овие двајца - изјави Филипче.
