Филипче: За еден ден 9.123 вакцинирани
Министерот за здравство Венко Филипче денеска информира дека во текот на вчерашниот ден имало 9.123 граѓани, што е најголема бројка откако започна имунизацијата против Ковид-19 во Македонија.
„Системот за масовна вакцинација функционира беспрекорно уште од вториот ден по започнувањето на оваа операција. Само во текот на вчерашниот ден се аплицирани 9123 вакцини од кои 7963 прва доза а останатите ревакцина. Досега се вакцинирани 74076 граѓани, а согласно последните бројки 25% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина“, објави Филипче.
Министерот апелира граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk и да се вакцинираат.
„Со ова темпо на вакцинација и капацитетите кои постојано ќе ги надградуваме имаме можност за релативно брзо време да постигнеме добар колективен имунитет“, смета Филипче.
Инаку, на првиот ден од почетокот на масовната вакцинација, од 9.000 добиени термини, само 4.500 дошле да се вакцинираат. Министерот за здравство, Венко Филипче изјави дека во наредниот период очекува одѕивот да биде поголем, а до крајот на месецов термин за вакцинација ќе добијат сите кои се пријавиле заклучно со 30.април.