Економија, финансии, бизнис

Контакт

Филипче ветува крај на црната статистика и намалување на смртноста кај новороденчињата

Филипче ветува крај на црната статистика и намалување на смртноста кај новороденчињата

Заштитата и унапредувањето на здравјето на граѓаните на Република Македонија мора да почне непосредно од раѓањето на една индивидуа. Оттука, ве уверувам дека ќе работиме напорно за да ставиме крај на црната статистика и да ја сведеме на минимум смртноста на новороденчињата и на родилките во земјава, рече министерот за здравство Венко Филипче кој кажа дека заедно со  Фондот за население на Обединетите Нации - УНФПА, е подготвен пакет мерки кои верува оти ќе ќе придонесат за намалување на смртноста на новороденчињата и родилките.

Во делот на краткорочни, односно мерки кои ќе ги имплементираат во период од 3 месеци, се вбројуваат:

Ревидирање на упатството базирано на докази за постапување при пост – породилно крварење. Имено, во моментов нема упатство за унифициран третман при вакви живото – загрозувачки ситуации. А крварењето при породувањето се смета за една од најчестите причини за смртност на мајките. По ова упатство, ќе постапуваат сите здравствени установи каде се изведуваат породувања.

„Во оваа насока, подготвивме и упатства за следење на ризичните состојби во текот на бременоста, како и клинички упатства за постапување при сепса, проблеми со коагулацијата на крвта во текот на бременоста и за време на породувањето. Но исто така и упатства за постапување при покачен притисок кај мајката комбиниран со високо ниво на протеини во крвта. Овие компликации се главните причини за смртност кај родилките, а во Република Македонија недостигаат клинички упатства за постапување во вакви живото - загрозувачки ситуации.

Ги ревидиравме и болничките упатства за нега на штотуку родените бебиња.

Понатаму, со усвојување на стандардите за гинеколошките ординации на примарно и секундарно нивно, како и за родилишта во болниците и во клиниките, ќе гарантираме дека жените и мајките ќе добиваат квалитетни здравствени услуги. Со тоа и клиничките болници во Тетово, Штип или Битола ќе нудат подеднакво квалитетни услуги како клиниката за Гинекологија во Скопје. Поради недостиг на кадар или недоволна обука на истиот, или поради нецелосно дефиниран систем на упатување, сите пациенти оттаму се препраќаа во Скопје, со што клиниката беше преоптоварена. Како илустрација во Гинеколошко – акушерската клиника во Скопје годишно е предвидено да има од 3500- 4000 породувања, но се изведуваат по околу 6 илјади. Знаете дека до неодамна, односно пред набавката на дополнителни 16 инкубатори, на интензивна нега во еден инкубатор лежеа по 2 бебиња.

Исто така, во Република Македонија недостига методологија по која ќе се детектираат вистинските причини за смртност и сериозните компликации и кај родилките и кај новороденчињата. Дел од мерките е и изработка на ваква методологија, по теркот на Светската здравствена организација.

Неопходно беше и прецизно да се дефинираат нивоата на услуги и во согласност со тоа, трудниците да се упатуваат во најблиската или во установата каде ќе добијат соодветна здравствена услуга, за многу пократко време. Со тоа родилките навремено ќе бидат згрижени, а во исто време ќе се растоварат родилиштата од терциерно ниво. Паралелно на ова, за родилиштата на секундарно ниво ќе набавиме и соодветна опрема која недостасува таму.

Понатаму, во секое време во родилиштата мора да има достапни живото- спасувачките лекови за мајките и новороденчињата, согласно листата на Светската здравствена установа и фондот за население на Обединетите Нации. Утврдивме дека дел од ваквите лекови не се регистрирани во Македонија, а и тие што се, не секогаш се достапни во родилиштата.

Во првите 3 месеци, исто така, ќе спроведеме обуки на обучувачи за ефикасна грижа на штотуку родените бебиња, согласно препораките на Светската здравствена организација, од страна на врвни експерти на СЗО и УНФПА.

Ќе бидат обучени и професионалци за примена на методологијата на СЗО за ревизија на мајчината смртност и сериозни компликации врзани со бременоста, породувањето и периодот по тоа, базиран на принципи на доверливост и професионалност.

Во овој период ќе изработиме и план, протоколи и мониторинг рамка за воведување на мобилни гинеколошко акушерски услуги за ранливите категории на граѓани. На овој начин ќе го следиме здравјето на бебињата чии родители не се во можност редовно да ги носат кај својот педијатар. Исто така редовно ќе се спроведува вакцинацијата, но и ќе вршиме скрининг за рак на грлото на матката. Недоволната достапност и пристапност до услугите за сексуално и репродуктивно здравје е состојба која покрај со краткорочни, мора да се решава и со долгорочни мерки.

Последна, но не и помалку важна мерка која ќе се реализира за кратко време е јасно дефинирање на систем и установи кои ќе ги прибираат потребните податоци од областа на репродуктивното здравје“, соопшти министерот.

На подолг рок, односно во следните 6 месеци ќе Филипче кажа дека ќе се спроведат обуки на стручниот кадар за ефикасна грижа на родилките и новороденчињата, како и неонатолошки обуки на педијатрите на секундарно ниво, согласно препораките на СЗО. Поради недостиг на педијатри во неонатолошките и педијатриски одделенија, во следните 6 месеци ќе се вработат доктори кои или се на крај со својата специјализација или кои веќе специјализирале во овие области.

„Во следните 12 месеци ќе ги акредитираме најголемите родилишта во земјава, односно Гинеколошко – акушерската клиника во Скопје, болницата во Чаир, како и трите клинички болници во Тетово, Битола и во Штип. Но, според стандарди за родилишта, а не според општи болнички стандарди“, посочи министерот кој дополни дека во 

текот на годинава ќе биде воспоставен и интегрираниот информативен систем со кој ќе се поврзат сите здравствени установи. Односно на едно место ќе се слеваат податоците од сите установи. 

Министерот рече дека е крајно неопходно  да се работи и на подигнување на јавната свест, бидејќи како што констатираше свеста кај дел од жените, е на многу ниско ниво а 

одењето на гинеколог, на редовни прегледи за некои жени и натаму е табу тема.

Слично

Поврзани вести