ФИЛИПЧЕ ВЕЛИ ДЕКА КРЕДИТОТ НЕ Е ПОВОЛЕН: Станува збор за политичко заложништво кон Унгарија
Според СДСМ, кредитот кој Македонија ќе го добие од Унгарија не е поволен.
Лидерот на партијата, Венко Филипче, додаде дека партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан е исфрлена од европското семејство ЕПП и сега таа партија од Унгарија соработува со партиите на радикалната десница. Кажа дека стравува дека под диктат на Орбан такви политики ќе почне и Христијан Мицкоски да имплементира тука кај нас.
„Владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски успеа за многу кратко време да застрани од стратешките позиции на земјата, кои се градени со децении назад. Овој кредит, што очигледно е договорен во четири очи, кредит од 500 милиони евра од Унгарија, отвора многу прашања, а најважното од сите е тоа во која насока ќе се движи земјата во следниот период“, изјави Филипче за Дојче Веле.
Иако беа најавени милијарда евра, сепак Унгарија ќе даде заем од 500 милиони евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Филипче треба да одговори дали кога сакаше да се зајми 500 милиони евра за Клинички кој не го изгради и да смени 4 закони и еврообврзницата со каматна стапка од 7 проценти беа поповолни од сегашната соработка со Унгарија.
