Филипче: Укинувањето на техничката влада треба да се случи тогаш кога нашето општество ќе биде зрело за тоа
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче попладнево на прес-конференција истакна дека укинувањето на техничката влада треба да се случи само тогаш кога ќе бидат донесени и имплементирани сите реформски закони.
Вели дека укинувањето на техничката влада треба да се случи тогаш кога нашето општество ќе биде зрело за тоа. Слободната волја на граѓаните, демократијата и фер избори како што рече не се прашања за политички пазар.
„Затоа, неопходни се реформи по европски стандарди посебно во делот на правосудството. И кога ќе бидат донесени сите реформски закони онака како што треба според препораките на Оценската мисија, на луѓе експерти од Европската унија. Кога сите тие закони и реформи не само што ќе се донесат туку и ќе почнат да се користат, ќе бидат вистински имплементирани во судството, во обвинителството, во полицијата, во делот на правдата, ете тоа е моментот кога ние како држава бидеме спремни да се укине техничката влада. И тоа е клучно. Затоа, СДСМ ќе ги поддржи само реформите кои оваа земја ја носат на ниво на европските стандарди. ВМРО и ДУИ нека договараат што сакат, нивната соработка на сите нас ни е многу добро позната. Ние договор можеме да направиме единствено со граѓаните. Ние не сме на пазар. Наша обврска е да ја вратиме власта во рацете на граѓаните“, рече Филипче.
Тој потсети дека техничката беше воведена поради, како што рече, аномалии во рамки на функционирањето на државата и општеството кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ.
„Техничката влада е воведена поради аномалии во рамки на функционирањето на државата и општеството кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ претходниот период, парламентарни избори после времето на Никола Груевски ВМРО-ДПМНЕ не организирала после 2016 година. Тогаш беа окупирани институциите. Ние сега го кажуваме дека исто така се максимално партизирани. Полицијата се користеше како репресивен елемент за изборите, истото се случува сега. Имаме сериозни забелешки за полицијата за овие локални избори кои поминаа минатата година. Не е случајно што тогаш се воведе како техничка влада во присуство на Европа и САД како наши стратешки партнери за да се овозможи фер изборен циклус. Со истиот начин на владеење како до 2016 година и сега се соочуваме. Нема услови за укинување на техничката влада поради сите овие работи“, рече тој.
Филипче нагласи дека СДСМ се спремни за избори кога и да се случат тие и потенцира дека тој е сигурен дека ќе има предвремени избори.
„СДСМ е спремен за изборен циклус кој може да следи годинава, следната, па да бидат и редовни избори во 2028 година. Јас сум прилично сигурен врз основа на се што се случува, врз основа на тоа како катастрофално се води државата, врз основа на лажните политики на оваа власт се целосно разобличени, дека избори ќе има предвремени без разлика дали се годинава, напролет, наесен, на крај на годината“, рече тој.
Филипче истакна дека СДСМ ќе учествува во техничката влада доколку има предвремени избори и ако остане техничката влада.
Тој нагласи дека на власта и се брза да направи избори, затоа што, како што посочи, нема пари и оти дупката во буџетот е огромна.
фото принтскрин
