Филипче: Тендерот ќе се поништи ако се покаже дека има неправилности
По острите реакции во јавноста за контроверзниот тендер од 35 милиони евра за набавка на реагенси на министерството за здравство министерот Венко Филипче на прес конференција кажа дека Министерство за здравство не склучило договор и фирмата која се споменува во јавност не го добила тендерот а ако има неправилности во тендерската постапка и ако не се постигне заштеда, подготвени се да го поништат тендерот.
Филипче потенцира дека до крајниот рок за поднесување на понуди за овој тендер пристигната е само една понуда а целата постапка е во фаза на евалуација и се уште не е ниту стигнато до електронска аукција.
„Министерството за здравство по објавениот тендер се уште не ја евалуирало понудата, а доколку по грижливата анализа на фактите и доказите постојат недостатоци во целокупната поднесена документација со понудата, согласно одредбите од Законот за јавни набавки истиот ќе претставува основ за поништување на тендерот и постапката без предизвикување на дополнителни и вонредни штети за ниедна страна“, рече Филипче.
Тој додава дека концептот за централизација на медицинските лаборатории е од голем бенефит за македонските граѓани, а овој проект е во насока на остварување на европски модел за кој се стремиме со цел реформирање на здравствениот систем и приближување кон модерните европски трендови.
„Концептот на централизирани набавки овозможуваат оптимално искористување на средствата. Министерството за здравство ќе има можност да ги контролира и предвидува трошоците за тестирање, без оглед каде се изведуваат. Од причина што станува збор за тригодишна јавна набавка на тестови и реагенси за биохемиски, имунолошки, хематолошки, коагулациони и гасни анализи и проценетата вредност за истата е висока, но заштедатата за буџетот на граѓаните е голема. Доколку не постигнеме заштеда, тендерот ќе биде поништен“, рече Филипче кој меѓу останатото нагласува дека целиот процес бил транспарентен и отворен за јавноста, а на јавното отворање биле присутни претставници од Центарот за граѓански комуникации и надворешни претставници од фирмите.
