Филипче: Судењето за трагедијата во Кочани е тест за зрелоста на општеството и мора да се води транспарентно
Лидерот на СДСМ Венко Филипче, на денешната прес-конференција истакна дека судењето за трагедијата во Кочани претставува „тест за целото општество“ и побара процесот да се води отворено и кристално чисто.
„Барам и очекувам процесот да се води отворено, транспарентно, пред очите на целата јавност. Родителите на жртвите имаат право да ја знаат вистината. Правда мора да има“, изјави Филипче.
Тој нагласи дека семејствата на загинатите и целата јавност заслужуваат јасни одговори и чесна постапка, додавајќи дека начинот на кој ќе се води овој процес ќе покаже колку е зрело општеството.
„Ова им го должиме на родителите, на граѓаните и на државата. Ова е голем тест за зрелоста на нашето општество“, потенцираше Филипче.
Тој информираше и дека СДСМ ќе ги користи сите демократски механизми за целосно расветлување на трагедијата, а токму затоа пратеничката група на партијата побара формирање Анкетна комисија во Собранието за да се испита секој детал од случајот.
